Мистериозниот уметник Банкси објави мрачно видео за неговата посета на Појасот Газа. Видеото, кое започнува како реклама за туристичка дестинација, покажува руинирани објекти, деца, повозрасни жители и вооружени војници, а го следи и Банкси додека создава три мурали.
Едното дело е стражарска кула претставена како рингишпил, второто претставува клекната растревожена личност (се смета дека тоа е расплаканата Ниоба од грчката митологија), а третото дело е големо бело маче кое си игра со топче од рѓосана жица.
Зошто баш маче? „Еден локален жител ми пријде и ме праша: Те молам – што значи ова? Му објаснив дека сакав да го свртам вниманието кон разрушувањето во Газа со објавување фотографии на мојата веб-страница, ама дека на интернет луѓето бараат само фотографии од мачиња“ – стои во објаснувањето.
Видеото завршува со порака напишана на ѕид. „Ако си ги измиеме рацете од конфликтот помеѓу моќните и немоќните, ние застануваме на страната на моќните – не остануваме неутрални.“
Иако Банкси привлекува огромно внимание со своите дела преку кои често испраќа политички пораки, неговиот идентитет до ден-денес е мистерија. Има теории дека Банкси е жена и теории дека всушност станува збор за група луѓе предводени од жена, но сето тоа се сведува само на шпекулации.