Се сеќавате на жената која поседува 1.200 пара дизајнерски обувки? Бет Шек е позната по тоа што професионално се занимава со покер, но и по тоа што поседува импресивна колекција од преку илјада пара обувки.
Но, пребирливата колекционерка сега можеби ќе треба да се раздели со 35% од својата голема колекција, поради тужба од нејзиниот поранешен сопруг. Даниел Шек, со кого Бет се разведе пред три години, тврди дека за време на разводот не знаел за колекцијата која вреди 1.000.000 долари и дека научил за луксузното хоби на својата сопруга дури 2 години по нивната разделба. Наводно Бет ја криела колекцијата во тајна просторија.
Бет со насмевка ги прифаќа тврдењата на својот сопруг. „Тој вели дека не знаел дека постои плакарот во нашата спална“ – изјавила таа за New York Post.
Во тужбата се вели дека Даниел, кој неодамна претрпел големи финансиски загуби како менаџер на хеџ-фондови, научил за колекцијата минатото лето и сега смета дека му следува дел од неа, поточно 350.000 долари. „Ден ѝ веруваше на својата сопруга и не го прегледуваше домот со цел да се обиде да пронајде инвентар или тајни соби“ – се вели во тужбата.
Колекцијата на Бет е далеку позната. Неколкупати телевизиски екипи го имаат посетувано нејзиниот дом со цел одблиску да ѕирнат во нејзините големи плакари. Очигледно омилен дизајнер на Бет е Кристијан Лобутин, бидејќи таа поседува дури 700 пара обувки кои се производ на неговиот креативен ум.