Од започнувањето на пандемијата со КОВИД-19 досега, голем број медицински лица имаат објавено фотографии на социјалните мрежи кои ја отсликуваат нивната напорна работа во првите борбени редови. Вдлабнатините и модриците од заштитните маски, темните кругови околу очите и истоштеноста станаа симбол на борбата на хероите на денешницата.
Трогнат од нивните фотографии, со срце полно благодарност, Стив Дерик започна да ги слика медицинските лица и да им ги испраќа портретите. Талентираниот артист на овој начин сакал да им даде до знаење на сите нив дека луѓето ја гледаат нивната работа и ја ценат.
55-годишниот уметник има насликано стотици лица кои никогаш не ги запознал, но на кои им се одушевува.
Неговата работа започнала кога наишол на Instagram профилот „Frontline Health Heroes“ кој ги документира искуствата на медицинарите во пандемијата преку нивните приказни.
„Потполно бев трогнат од медицинските работници и од она со што тие се соочуваат“ – рекол тој.
Особено голем впечаток му оставила фотографија од медицинска сестра од Италија со модринки на лицето од заштитната опрема. Во тој момент, тој го подготвил својот прибор и започнал да слика.
Една по една, тој сликал колку што е можно повеќе медицински лица и преку контакти кои ги добивал на социјалните мрежи, започнал бесплатно да им ги испраќа насликаните портрети. Благодарноста била огромна и многу од нив изјавиле дека тоа било најубавото нешто што некој го направил за нив во пандемијата.