Што го мачи човекот кој со својот брилијантен ум ги разоткрива најголемите тајни на универзумот? Одговорот е ист како и на секој друг маж – жените.
Стивен Хокинг, еден од најеминентните теоретски физичари, во неодамнешно интервју призна дека секојдневно најмногу размислува за жените, затоа што понежниот пол е жива мистерија.
Кога во интервју направено од New Scientist по повод неговиот 70-ти роденден на Стивен му било поставено прашањето „За што најмногу размислуваш во текот на денот?“, тој одговорил: „Жените. Тие се потполна мистерија“.
Хокинг, чие дело „Кратка историја на времето“ го освои научниот свет, се оженил во 1965 година за Џен Вајлд. Таа се грижела за него до 1991 година, кога се развеле, најверојатно поради притисокот од славата и влошувањето на неговата здравствена состојба. Со неа Хокинг има три деца.
Во 1995 година Стивен се оженил за Илејн Мејсон, поранешна жена на Дејвид Мејсон, дизајнерот на првата верзија на неговиот говорен компјутер, но во 2006 година поднел барање за развод.
Кога имал само 21 година, на Стивен му била дијагностицирана амиотрофична латерална склероза и се очекувало да живее само неколку години. На 8 јануари тој ќе наполни 70 години. Поради неговата состојба тој може да комуницира само преку мрдање со образот.