Некои моменти се паметат цел живот.
Пливачот Рајан Марфи несомнено нема да го заборави моментот кога освои медал на Олимпијадата во Париз, бидејќи токму тогаш го дозна и полот на неговото неродено дете.
„Рајан, девојче е“ – ова е пораката која Американецот ја виде кога излезе од базенот како третопласиран во финалната трка во дисциплината 100 метри грбно пливање.
Неговата сопруга Бриџит стоеше на трибините со рачно напишаниот натпис. Рајан подоцна беше фотографиран како се бакнува со неа.
„Бриџит го држеше знакот на кој пишуваше: ‘Рајан, девојче е’. Тогаш за првпат го дознав полот. Искрено, двајцата мислевме дека ќе биде момче“ – рече подоцна тој во изјава за медиумите.
Рајан и Бриџит започнаа да се состануваат во 2016 година, а се верија во 2022 година.