Ана Викторија Еспино де Сантијаго сруши многу бариери и стана првата адвокатка со Даунов синдром во светот.
25-годишната девојка се избори за да се стекне со правна диплома и да си го оствари големиот сон да ги брани правата на други лица со попреченост.
И покрај сомнежите од страна на општеството, Ана Викторија дипломираше на универзитетот „Autónoma de Zacatecas“ во Мексико. Таа студираше пет години и со помош на посветен професор, кој стана нејзин водич низ академските години, успеа да ја постигне својата цел.
Ана Викторија имала учествувано на правни форуми кои ја поттикнале нејзината желба да стане адвокат за лица со слични попречености и да се бори против нивната дискриминација.
„Навистина го сакам правото бидејќи дозволува да се бранат луѓето со попречености. Сакам да им помагам на луѓето со попречености, да им помагам на тие кои немаат глас, затоа станав адвокат“ - вели Ана Викторија.
Успехот на Ана Викторија го привлече вниманието и надвор од Мексико. Меѓународни фондации од Шпанија, Перу и Чиле ја контактирале за да работат заедно на нејзините иницијативи.
Упорната девојка е инспирација за многу лица со попреченост. Таа сака да им вдахне сила да не се плашат од препреките и да се стремат да ги остварат нивните соништа.