Михаил Лабковски има важни совети за родителите поврзани со оценките и учењето.
Рускиот психолог апелира мајките и татковците да не учат со децата и да не ги оптоваруваат со десетици активности надвор од училиштето. Тој вели дека секое дете треба да има 2-4 часа дневно време за себе.
Еве ги останатите негови совети:
Да повторам уште еднаш: не треба да учите со децата. Не треба да им го подготвувате школскиот ранец! Не треба ниту да ги прашувате „Како е на училиште?“. Така го нарушувате односот и крајниот резултат секогаш е негативен.
Детето мора од 2 до 4 часа дневно да има свое слободно време, кога нема да прави НИШТО. Преамбициозните, таканаречени грижливи родители, ги преоптоваруваат децата со странски јазици, уметнички секции, престижни спортови... Од тоа најмногу се добива невроза и сè што доаѓа со неа.
Во однос на училиштето и педагозите, би требало во вистинската смисла да бидете на страната на вашето дете. Чувајте ги децата. Не се плашете од лошите оценки. Плашете се да не му се одмили училиштето и учењето на детето.
Тешко е да се каже кој трпи поголем психолошки притисок – дали одличниот или единичарот. Одличните, кои макотрпно редат петки, не се безгрижни деца и им недостига самопочит.
Ако вашето дете не е во состојба да учи само, за тоа сигурно има некоја причина. Мрзеливоста нема никаква врска со тоа. Категоријата мрза не постои во психологијата. Мрзата се смета за отсуство на мотивација и волја.
Причините зошто детето не може да учи и само да ги пишува домашните задачи може да бидат различни: зголемен интракранијален притисок, зголемен мускулен тонус, психолошки проблем, АДХД (синдромот на невнимание и хиперактивни деца). Наместо ноќ по ноќ да седите со него над учебниците, подобро е да се обидете да го дефинирате, а потоа и да го третирате проблемот.
Премногу често поради грижите околу оценките семејствата буквално се распаѓаат, се расипуваат односите, родителите и децата меѓусебно се оддалечуваат, понекогаш и засекогаш.
Јас сметам дека треба да се фокусирате на љубов и безвременски вредности.
Потсетете се дека нема да помине долго време пред оценките и испитите да се изгубат од сеќавањата и единствено ќе биде важно дали сте ги зачувале или не сте ги зачувале блискоста, довербата, разбирањето и искрениот однос со вашето дете... Затоа што може да се добие петка, а да се изгуби ќерка. Да се положат сите напредни курсеви, да се запишат на престижен универзитет, но неповратно да се изгуби меѓусебната врска.