Секое дете има прво на образование, право на игра и уживање во детството.
Но, на 4 милиони деца од Бангладеш тоа право им е секојдневно прекршувано и тие се принудени да работат од мали нозе за да придонесат во семејството. Работата не го доведува во ризик само нивното здравје, туку ја загрозува и нивната иднина, бидејќи тие најчесто не можат да се образоваат.
Фотограф со големо срце има мисија да им го подобри животот на што повеќе деца, финансирајќи го нивното образование. Акаш (GMB Akash) го користи својот глас за да го сврти вниманието кон животот на маргинализираните групи луѓе во неговата татковина Бангладеш и со свои пари ги праќа децата работници на училиште.
Позитивните промени ги документира со фотографии „пред и потоа“.
„Досега имам испратено на училиште 30 деца кои работат и ги набљудувам одблиску. Редовно ги посетувам нивните домови и училишта за да ја оценам нивната ситуација. Се надевам дека за неколку месеци ќе можам да испратам на училиште уште 10 деца-работници. Значи за неколку месеци вкупно 40 деца ќе одат на училиште наместо на исцрпувачките работни места. Ја имам преземено целосната одговорност за нивното образование до крајот на животот“ – вели тој.
Акаш им наоѓа работа и на родителите на децата-работници за тие да можат да ги образоваат нивните малечки наместо да ги испраќаат на работа во фабриките.
„Моја мисија е да им помагам на непривилегираните личности и да правам позитивни промени во нивните животи. Сакам да извадам колку што е можно повеќе деца од фабриките и полињата каде што мораат да работат за да преживеат и да ги запишам на училиште. Со мои сопствени пари сум го спонзорирал учењето на стотици деца, бидејќи едуцираните деца се наша иднина. Досега, 200 деца имаат добиено стипендија од мене“ – вели тој.