По повод Св. Валентин, 14 парови од Тајланд пред два дена започнаа да се бакнуваат со цел да го срушат Гинисовиот рекорд за најдолг бакнеж.
Најиздржливиот пар успеа да ги држи усните споени дури 46 часа, 24 минути и 9 секунди и со тоа постави нов Гинисов рекорд кој допрва треба да биде официјално потврден.
Претходниот рекорд за најдолго бакнување беше поставен во 2009г. во Германија, кога Никола Матович и Кристина Рајнхарт без престан се бакнуваа 32 часа, 7 минути и 14 секунди.
Дури 7 од 14-те тајландски парови успеаја да го срушат претходниот рекорд.
„Не мислевме дека ќе пронајдеме некој што ќе го скрши рекордот“ – изјавил менаџерот на музејот којшто го организирал натпреварот и дополнил дека е неверојатно што дури 7 парови успеале да се бакнуваат без прекин подолго од 33 часа.
Победниците беа прогласени денес. Екачаи и Лаксана Тиранарат како награда добија дијамантски прстен во вредност од 1600 долари и 3250 долари во кеш.
За време на натпреварот паровите не требало ниту за момент да ги разделат усните. Ним им било дозволено да пијат течности со помош на сламка, а заедно оделе и во WC, придружени од член на комисијата. Не им било дозволено да седат, ниту да спијат.
Бидејќи Тајланд се смета за конзервативна земја (и покрај тоа што таму секс индустријата е особено развиена), натпреварувачите требало да покажат документ дека се во брак или дека се вистински пар со писмо за дозвола од родителите.