Почетна » Новости » Занимливости » Од црвениот килим на Манаки на патеките на Трчај бе: Маја – првата македонка со Abbot World Marathon Majors медали

Од црвениот килим на Манаки на патеките на Трчај бе: Маја – првата македонка со Abbot World Marathon Majors медали

Маја ја знам одамна, и секогаш сум ја восхитувала нејзината енергија и страст. Нашите патишта се вкрстуваа и преку светот на филмот, на фестивалот Манаки низ годините, но и преку нејзината љубов кон трчањето. Маја не е само жена која трча маратони, таа трча низ животот со истата посветеност и решителност како на патеките. Гледав како таа стои на црвениот тепих на Манаки, со истата самодоверба со која следниот ден ги истрча километарите на Трчај бе. Таа е пример за тоа како се живее со целосна посветеност, без разлика дали е на црвениот тепих или на тркачката патека.

Минатата година на Манаки си ветивме интервју, но не успеавме да го реализираме, таа патуваше веднаш, а мојата работа со фестивалот посветен на филмската камера „Браќа Манаки“ беше премногу интензивна. Годинава, конечно, успеавме да се сретнеме и ова интервју е резултат на нашето пријателство и заедничка љубов кон трчањето и уметноста, кои не само што ги споделуваме, туку и нè поврзуваат низ годините.

Маја

Маја, честитки за неверојатниот успех! Стана првата Македонка која ги освои шестте најпрестижни маратони во светот и го доби Abbot World Marathon Majors медалот. Како изгледаше моментот кога стоеше на целта во Лондон и го доби тој престижен медал?

Благодарам, Љубица! Тешко е да се опише со зборови. Моментот кога го добив медалот беше момент на целосна еуфорија и емоционално ослободување. Тој миг беше кулминација на не само физичкиот напор, туку и менталниот товар кој го носев со себе низ секоја од трките. Завршив две трки, Бостон и Лондон, за само шест дена. Ова беше огромен предизвик не само физички, туку и ментално, затоа што самата подготовка и трките бараат огромна посветеност. Кога конечно го добив медалот со шест ѕвезди, тоа беше како да се отпушти сиот притисок што го чувствував. Плачев, но беа солзи на радост и чувство дека остварив нешто големо, не само за себе, туку и за сите кои ме поддржуваа на овој пат.

Маја

Тоа е навистина моќен момент. Како се појави желбата да ги истрчаш сите шест маратони? Што те мотивираше да го започнеш ова патување?

Сè започна со еден сон – да бидам дел од нешто поголемо од мене. Кога ги открив Abbot World Marathon Majors, идејата да учествувам на тие престижни маратони стана моја најголема мотивација. Секако, многу е лесно да се замислиш на стартната линија, но патот до таму е долг и полн со предизвици. Како жена која има работа со полно работно време и приватно исполнет живот, мора да најдеш начин да балансираш. Моето трчање стана начин да се предизвикам себеси. Секој нов маратон беше нова можност да се докажам, и да покажам дека можам да успеам и покрај сите препреки.

Колку беа тешки тие подготовки? Како успеваше да ги вклопиш тренинзите со останатите обврски?

Најтешкиот дел беше да се најде време за тренинг. Кога имаш работа, мораш да стануваш многу рано или да тренираш доцна навечер. Без разлика на временските услови, мора да бидеш постојан. Трчањето бара многу дисциплина. Но, секое утринско или вечерно трчање ме потсетуваше зошто го правам ова – затоа што сакам да се предизвикувам и да станувам подобра верзија на себе. Мојот распоред беше полн, но со правилна организација и поддршка од моите блиски, успевав да најдам начин да го постигнам тоа.

Маја

Сигурно секој од тие маратони донесе свои посебни предизвици и искуства. Кој од нив ти остави најсилен впечаток?

Секој маратон е своја приказна. На пример, трчањето во Токио беше неверојатно поради културата и дисциплината на гледачите. Бостон, пак, беше еден од најтешките поради временските услови – имаше силни ветришта и дожд, што го направи трчањето исклучително тешко. Но, можеби најспецијален беше Лондон, затоа што таму го добив медалот со шест ѕвезди. Сите тие последни километри беа борба, но чувството кога ќе ја преминеш целната линија и ќе знаеш дека си успеал – тоа е непроценливо. Секој град ми донесе ново искуство, нова мотивација и неизбришливи спомени. Од Abbot World Marathon Majors бев препознаена како првата Македонка на која и го даваат медалот со шесте ѕвеѕди и се радував што токму јас го отварам патот за другите што во иднина ќе следуваат.

Осврнувајќи се на моето 18-месечно патување по светот, учествувајки на најголемите светски маратони можам да кажам дека сум исполнета и со носталгија, но и со длабоко чувство на олеснување.

Покрај сите тие светски маратони, пред само две недели, учествуваше и на Трчај бе во Битола. Битола ја сакаш знам, како беше овој пат?

Трчај бе е трка со посебен шарм. Овојпат беше навистина уникатно искуство, затоа што претходната вечер бев на црвениот тепих на Манаки, како дел од тимот на Creative House, а следниот ден веќе бев на патеката, подготвена да трчам. Оваа комбинација на култура и спорт во Битола е нешто што го прави градот многу посебен.

Маја

Како ја доживеа оваа комбинација на Манки и Трчај бе, и како мислиш дека тоа го зајакнува духот на градот?

Манаки и Трчај бе ја покажуваат суштината на Битола – град кој го спојува најдоброто од уметноста и спортот. Присуството на светски филмски ѕвезди кинематографери на Манаки, а веднаш потоа трчањето низ улиците на градот, е симбол за тоа како Битола може да биде место каде уметноста и спортот живеат добро и заедно. Тоа создава уникатен дух на заедништво и гордост.

Конечно, што би им порачала на сите оние што имаат сон, но се плашат да го следат?

Би им рекла – осмелете се да сонувајте големи. Без разлика колку далечна или тешка ви се чини целта, ако сте доволно посветени и упорни, сè е можно. Патот до успехот не е лесен, но кога ќе стигнете до крајот, секој момент ќе биде вреден. Моето патување низ овие маратони ми покажа дека нема граници за тоа што можеме да постигнеме, ако веруваме во себе и работиме напорно.

Автор: Љубица Ангелкова

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20776 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.