Соништата понекогаш се остваруваат децении откако сме ги замислиле и затоа никогаш не треба да се откажуваме од нив.
Доказ за тоа е Џејинг Ѕенг, која на 58-годишна возраст за првпат ќе настапи на Олимпијадата. Инспиративната жена, позната и како Танија Ѕенг, ќе си го оствари детскиот сон да игра пинг-понг на големиот спортски настан.
Ѕенг е родена во Кина, но на ЛОИ ќе се натпреварува за Чиле, каде живее од 1989 година. Таа започнала да игра пинг-понг на 9-годишна возраст, а на 17-годишна возраст била избрана во репрезентацијата на Кина, со што започнала да сонува еден ден да се натпреварува на Олимписките игри.
За жал, нејзиниот сон завршил откако се откажала од спортот во 1986 година поради воведувањето на правилото за двобојни рекети, бидејќи не можела да се навикне на таа промена.
„Правилото ми ја уби играта. Се чувствував слаба и психолошки и технички“ – објаснила таа.
Во 1989 година, Ѕенг била ангажирана како тренер во Чиле и се преселила таму. За време на пандемијата со КОВИД, повторно започнала да го игра спортот од детството во својот дом и станала многу добра во него.
Повеќе од 30 години по пензионирањето, сега Танија конечно ќе си го оствари сонот и ќе се натпреварува на ЛОИ во Париз. Таа тренира по три часа, пет дена во неделата, инспирирајќи ги младите спортисти низ светот.
„На моја возраст, мораш да играш со среќа, не со мака. Ја сакам оваа земја. Важно е да не се откажуваш“.
„Мојата порака е дека никогаш не е доцна за ништо, но мораш да започнеш однекаде. Чиле ми даде сè. Многу сум среќна“ – рекла таа.