Почетна » Новости » Занимливости » „Не им дозволувајте телефон на децата до 10 години“: Доктор Ранко Рајовиќ со важни совети за родителите

„Не им дозволувајте телефон на децата до 10 години“: Доктор Ранко Рајовиќ со важни совети за родителите

Живееме во време во кое технологијата постојано се развива и оди напред, а родителите стојат пред голема дилема – дали да им дозволат на нивните деца да користат мобилен телефон за да бидат во чекор со времето или да ја забранат употребата на екраните и да ризикуваат нивното дете да „заостане“ зад врсниците.

Професорот Ранко Рајовиќ е еден од гласноговорниците за предизвиците со кои се соочуваат родителите и за грешките кои тие секојдневно ги прават. Тој е категоричен дека во следните 10 години, најважната тема за родителите ќе биде „Како да се бориме против зависноста од мобилните телефони“.

Ранко Рајовиќ

Родителите, според него, се сè понемоќни за да се борат со предизвиците на новото време.

Родителите и децата се договараат околу правилата, а децата не ги почитуваат. Тогаш следува казна 2-3 дена, па детето повторно изневерува. Потоа се поставуваат ограничувања, се инсталираат апликации за следење и контрола. Но, тоа не вреди. Детето веќе е зависно. Сè почесто децата навечер, после полноќ, некаде од 1 до 3 часот наутро, го вклучуваат телефонот и играат игри додека родителите спијат. Потоа, наутро не можат да станат за на училиште, а родителите не знаат што се случува.

Да се прашувам јас, ќе ги забранам телефоните до 14 години и децата нема да се бунат. Бидејќи ако тоа е правило ЗА СИТЕ, тоа е тоа. Но, ако во некои школи може до четврто, може до осмо, може на одморот, не може на час, тоа не е вистинско решение. Единственото правилно решение е да се забранат телефоните во училиштата.

Ранко Рајовиќ

Како соработник на УНИЦЕФ за рана едукација и експерт во својата област, Ранко има спроведувано бројни истражувања за користењето телефони во училиштата и вели дека ситуацијата станува алармантна.

Пред четири години спроведовме истражување во Србија, Хрватска, Италија и Словенија. Сакавме да видиме колку деца во училиштата имаат телефон. Пред четири години, во четврто одделение преку 50% од децата имаат паметен телефон, во трето одделение нешто помалку, а прво и второ одделение незначително. Сега, преку 50% од децата во прво одделение има свој мобилен телефон. Мора да се зборува за овој тренд.

Со години ги предупредуваме родителите дека тоа е сериозен проблем, дека не може детето туку-така да добива паметен телефон, дека се оштетуваат некои важни регии во мозокот, меѓутоа родителите не слушаат.

Предолгото време пред екраните може да ја промени структурата на мозокот кај децата. Како се случува тоа, објаснува доктор Рајовиќ:

Сè повеќе деца се соочуваат со неможност да обрнат внимание. Тие учат, гледаат некој текст 10-15 минути и не можат повеќе. Потоа се прави пауза и тоа пауза од пола час. Во трето или четврто одделение веќе имаме проблем кој во Европа се опишува како хипервнимание. Прашање е како утре децата воопшто ќе можат да учат.

Не е проблем само што телефонот се дава кога детето руча. Родителите на детето му даваат телефон секоја секунда. Во продавниците за детска опрема има специјални држачи кои се ставаат на количките за таму да седи мобилниот телефон.

Сега ќе ви кажам како се јавува таа зависност. Детето кое гледа во телефон добива некоја стимулација, тоа влегува во мозокот. Мозокот мора да има интеракција со опкружувањето за да се развива. Детето кое гледа во телефонот добива премногу импулси и сè друго станува неважно.

Мозокот е орган за преживување. Мозокот мора да учи за полесно да преживееме. Секојпат кога ќе научиме нешто ново, мозокот ни дава награда – хормон на среќа или ендорфин. На пример кога детето ќе научи да оди или да вози велосипед, тоа е среќно. Тој голем ендорфин се добива 5-6 пати во животот. Малиот ендорфин се добива 1-2 пати во денот.

Сега гледајте кога игра игри. Детето влегува во нешто и е полно со допамин во исчекување нешто да се случи. Кога ќе види нешто што очекува, одеднаш стигнува награда од мозокот, а тоа се ендорфини. И сега тоа постојано се менува, доаѓа ново ниво - иде допамин, кога ќе го помине нивото - иде ендорфин. Во 10 минути, тоа се случува 10 пати, а ендорфинските рецептори се морфиумски. Тоа е ендоген морфиум и затоа брзо се развива болест на зависност. И детето не може да функционира без телефон.

Апелираме родителите да не прибегнуваат кон новите технологии за да го нахранат детето или за да го чуваат детето. Нека го носат детето во паркот, на прошетка да трча, да скока, да се врти, а не да гледа во екран.

Рајовиќ ги споделува стравовите на стручните лица дека децата сè помалку имаат способност и концентрација да учат, како и дека нивниот речник е слаб.

Најдобро е да не му давате телефон на мало дете барем до 10 години. Секоја година имаме кампови на кои доаѓаат деца од 5 до 12 години. Ние им ги земаме телефоните, таков е договорот. Навечер ги добиваат на пола час за да им се јават на родителите. Кога на детето ќе му понудите друга содржина, нему телефонот не му треба. Нив им е интересно и во првиот ден им се јавуваат на родителите. Веќе вториот ден не им се јавуваат. И што се случува? Родителите се јавуваат да прашаат дали е сè во ред со детето.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20853 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.