Лилиен Хартли и Ален Маркс официјално се најстарите младоженци. Со вкупна возраст од 193 години, заљубениот пар го сруши рекордот на Гинис.
98-годишниот Ален и 95-годишната Лилиен си го кажаа судбоносното „да“ пред два дена на кратка церемонија во Калифорнија. Тие се во врска 18 години и конечно решиле да ја крунисаат својата љубов со брак. Среќните младоженци се запознале во 1994 година, кога Ален ѝ дал комплимент на Лилиен за фустанот кој таа го носела.
Лилиен изјавила дека досега биле многу зафатени (со патувања и гледање на натпреварите на нивниот омилен тим Лос Анџелес Лејкерс) и затоа го одложувале стапувањето во брак.
„Со години разговаравме, но бевме толку зафатени што никогаш не се стигна до тоа. Решивме да одиме во Индио и да ја направиме свадбената церемонија во еден ден. Не знаеме што точно ќе се случи, па не сакам да ризикувам. Сакам да бидам со Ален до крајот на мојот живот“ – изјавила Лилиен.
„Верувам во судбина по малку и мислам дека ова ни било пишано. Бев вдовица шест години и навистина си ја сакав слободата... велев дека не сакам врска, но тој дојде и некако ме привлече“ – раскажала Лилиен.
„Сакам да бидам со Лилиен до крајот на мојот живот“ – додал Ален, кој исто така е вдовец.
Ивон Круз, која го венчала среќниот пар, изјавила дека Лилиен и Ален имаат несекојдневна љубов. „Таа ни кажа дека тој ѝ вели дека ја сака барем 3-4 пати дневно. Тие се неверојатно заљубени еден во друг. Мудроста, знаењето и љубовта која ја имаат еден кон друг, тоа е нешто што не можеш да го видиш секој ден“ – изјавила Круз.
Претходниот рекорд неофицијално беше во рацете на Роуз и Форест Лансвеј кои стапија во брак минатата година и имаа вкупна возраст од 190 години.