Во услови кога компаниите се натпреваруваат да направат што „попаметен“ мобилен телефон кој ќе нуди безброј опции, една холандска маркетинг компанија реши да направи нешто сосема спротивно – наједноставниот мобилен телефон на светот.
Наједноставниот мобилен телефон е наречен John’s Phone. Нема камера, не поддржува пишување на SMS пораки, не нуди пристап на интернет или слушање музика и гледање клипови, ниту пак има стотици мелодии за ѕвонење од кои можете да избирате. Со него едноставно можете само да се јавувате и да примате повици.
John’s Phone е телефон со големи копчиња за впишување на броеви и копчиња за започнување и завршување на повикот. Одназад има именик на кој со пенкало можете да ги запишувате броевите на најблиските. Во телефонот, кој се нарекува и „анти-iPhone“, може да бидат меморирани само 10 броја (на секое копче по еден), а има само една мелодија за ѕвонење.
Добрата вест е што ретко ќе го користите полначот затоа што батеријата му трае повеќе од три седмици. Телефонот се нуди во 5 различни бои и тоа бела, розова, зелена, кафеава и црна. Белиот чини 70 евра, а останатите 80 евра.
Едноставниот телефон ќе им биде најинтересен на сите на кои им е дојдено преку глава од сложените технологии.