Почетна » Новости » Занимливости » Колумна: Спокојна плетка

Колумна: Спокојна плетка

Одамна размислував со што да почнам да се занимавам за да можам да си ги средам мислите, да не речам нервите. Пробав јога – не е за мене. Почнав да трчам заедно со неколку другарки, посветени ранерки и првите неколку пати ми беше супер, за потоа да сфатам дека повеќе сакам да одам и да зборувам, да се видам со нив, отколку да џогирам. Тие пак сфатија дека јас ги забавувам и лошо им влијаам на резултатите.

Направивме компромис – откако ќе се истрчаат, јас ги чекам на најблиската клупа, со кафе, смуди, шејк. Тие истрошени и задоволни, јас задоволна дека сум со нив. Но растрчаните мисли останаа, немирот исто. Нешто требаше да се прави. Кликајќи и скролајќи по мобилниот налетав на онлајн курс за плетење. Цената му беше симболична, а видеорекламите супер-привлечни. Го уплатив и започнав.

Плетење

Оптимистички следев часови цели две недели, три пати во неделата по еден час. Се организирав, се искарав по дома и го истерав своето. Дојде на ред практичниот дел, да почнам да плетам сама. Тргнав полека, школски, детски, несмасно, ама ентузијастички. Сплетов шалови за децата, едниот со боите на Спајдермен, едниот сино-жолт да му одговарал на јакната на поголемиот. Им се допаднаа, ветија дека ќе ги носат уште на првиот студ. Баш да видам! Задоволна појдов во чаршија да си купам уште волница. Решив на мајка ми да ѝ сплетам елек. Баш онака елече, за да не ѝ студи. „Бабоплет“ го викавме со другарките кога бевме зелки-тинејџерки и кога им се смеевме на бабите дека и на топло носат елек, и на пролет и на есен, а некогаш и на лето. Нејсе.

Тргнав да плетам елек. Го фатив појасот, го почнав, терав со „правата“ плетка, ама заглавив кај рацете или делот што треба да се одземе за да го личи на нешто. Вака личеше на кимоно, ма на плетен пешкир. Никакво. Го расплетов и пак појдов на Youtube да барам видео за тој дел, како и да се вика. Тргни, застани, плети, расплети, не оди. Го расипав и изненадувањето – ѝ се јавив на мајка ми да ѝ се пожалам дека од мене плетачка не бидува. Се изнасмеа. Не знае ни таа да плете, знаеше баба ми, всушност знаеја и двете баби. Но нив ги нема, а мене ми е жал што кога бев дете и кога ќе ме повикаа да ми покажат нешто, се смеев и срамев да учам такви ‘старовремски и непотребни работи’. Кој да знаеше дека еден ден ќе ми биде толку многу потребно, како терапија, како лек?!. Смеејќи се со мајка ми се сетив на тетка Фани, комшика на моите, комшии со години, со генерации, од оние со кои сте повеќе од роднини, тие што трчаат први и за добро и за лошо. Грабнав иглите и волницата, ги ставив во ќесе (како некогаш баба ми кога одеше по гости, оти нели немаа мобилни) и појдов на кафе кај тетка Фани. Колку се израдува! Не се бевме виделе со месеци. Секогаш само едно „добар ден“ од порти и преку ограда, кога одам да ги видам моите и тоа на брзање.

Тетка Фани живее сама, постара е од мајка ми десетина години, но секогаш си го имала муабетот и со неа и со баба ми, и со сите нас. Кога бевме мали нејзината куќа ми беше секогаш отворена, дури знаев каде ѝ стои клучот, па кога моите ќе се задржеа на работа, си влегував кај неа и си седев како дома. Фани не е сменета, мирисот на нејзиниот дом исто. Мојата омилена фотелја беше таму, а и колачињата со домашен мармелад. Се расприкажавме, пиевме кафе на раат, како кога бев девојка, кога одев кај неа да ѝ се поплачам од другарките, дечковците, од родителите, а таа трпеливо и другарски ме слушаше. Ѝ ја покажав плетката и слатко се изнасмеа дека јас „модерната“ сум почнала да плетам. Потоа низ големите очила внимателно го разгледа делот што требаше „да се одземе“. Следуваа минути и часови на трпеливо објаснување. Јас повторно бев дете, а таа повторно мојата втора мајка, мојата другарка, мојата тетка. Во тие неколку часа, таму кај неа, ми се средија и мислите и растрчаните нерви и раскоканото срце. Почуствував нешто што не може да се почувствува додека гледаш видеа и туторијали на Youtube. Да не зборувам за разговорите и приказните, за сите спомени и имиња што ги извртевме во тоа кафе-пиење и плетење. Добив и домашна задача – да сплетам елек и за неа. Не знам дали навистина ѝ треба, но знам дека таа знае дека мене ми треба повторна средба со неа: да ја слушнам и да ја гушнам. Мене ми треба да се сетам дека е ретка привилегија да имаш до тебе луѓе со кои повторно можеш да бидеш дете, да трчаш со мислите низ најспокојните слики на детството и младоста, онаму каде што е најбезбедно, кај чуварите на мудроста. Е тоа е терапија!

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20879 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.