Почетна » Новости » Занимливости » Камерниот оркестар на Битола во вистинско светло - …и по речиси еден месец од Балкан Гала импресиите сè уште траат - Интервју со Владимир Цветковски

Камерниот оркестар на Битола во вистинско светло - …и по речиси еден месец од Балкан Гала импресиите сè уште траат - Интервју со Владимир Цветковски

Камерниот оркестар на Битола - ⋮IWConnect постои речиси 4 децении, а последните десет години неговото присуство на музичката сцена во Македонија и на Балканот сè повеќе се забележува. Имајќи го во предвид квалитетот на нивните фестивали и настапи тоа не е ни малку чудно. Балкан Гала е фестивал којшто е производ од најпопуларните проекти на Камерниот Оркестар кој полека но сигурно станува традиционален настан и оваа година ги сруши рекордите на посетеност на ваквиот вид на културни настани во Македонија. По успешната Балкан Гала, направивме кратко интервју со Владимир Цветковски, виолинист во Камерниот oркестар на Битола - ⋮IWConnect и еден од организаторите на Балкан Гала за да дознаеме нешто повеќе за Камерниот oркестар, Балкан Гала како и за нивните идни проекти.

1. Владимир, како би се опишал себеси, и колку време си дел Камерниот oркестар на Битола - ⋮IWConnect?

- Па, би рекол дека сум ентузијаст, вљубеник во музиката и човек којшто верува во традицијата, квалитетот и потенцијалот кој македонската музика го има. Виолинист сум во оркестарот на Националната Опера и Балет, а дел сум од Камерниот oркестар на Битола од 2005 година како виолинист, а подоцна и како организатор на концертните настани на Камерниот Оркестар, вклучувајќи ја и Балкан Гала.

Камерниот оркестар на Битола

2. Колку време постои Камерниот Оркестар на Битола - ⋮IWConnect?

- Камерниот оркестар постои повеќе од 4 децении. На почетокот бил составен од музичари со мала музичка наобразба, ентузијасти кои што имале сосема други професии, но сепак ја негувале љубовта кон музиката и успеале да го формираат оркестарот кој што полека развивајќи се низ годините, денес е веќе многу добропознат бренд низ целиот Балкан.

Идејата за возобновување, популаризација и доближување на оркестарот до пошироката публика се роди во 2013 година, и е реализирана од диригентот Владимир Димовски и виолистот и професор во Средното музичко училиште во Битола Никола Трајановски.

Првиот концерт на оркестарот со популарен карактер е насловен „За моја Битола“ и беше концерт на кој што се изведоа најубавите староградски песни, а гости беа повеќе македонски артисти. Веднаш по овој концерт следуваше и првата Рок Симфонија со која што оркестарот ја воодушеви публиката. Нашата желба да се продолжи традицијата на Камерниот oркестар поддржана од интересот на македонскиот народ за квалитетна музика резултираше во продолжување на сонот на основачите на Камерниот oркестар, со што тој сега активно постои веќе десет години и има голем број на концерти и концертни настапи во Македонија и на Балканот.

Камерниот оркестар на Битола

3. Камерниот oркестар на Битола е добро познат по квалитетните концерти кои не оставаат никого рамнодушен. Колку концерти и концертни настапи имал Камерниот Оркестар до сега?

- Во текот на изминатите десет години, оркестарот одржал преку 100 концерти во сопствена продукција, гостувал на речиси сите домашни и на поголемите фестивали низ Балканот. Некои од фестивалите се NISHVILLE (Ниш, Србија), ROCK VILLAGE (Банатски Соколац, Србија), BELGRADE BEER FEST (Србија), KOTOR ART (Котор, Црна Гора), ZIMSKA BAJKA (Тиват, Црна Гора), BASCARSIJSKE NOCI (Сараево, Босна и Херцеговина), Užičko leto (Ужице, Србија), итн.

Оркестарот има голем број на проекти и соработки, дел од нив се одржуваат секоја година со што преминаа во традиционални проекти. Како некои од најпопуларните би ги издвоил:

  • Проектот Рок Симфонија е еден од проектите кои ја воодушевија мноубројната публика на најголемите фестивали, а самостојниот концерт во Комбанк Дворана (Дом Синдиката) во Белград во српските медиуми е окарактеризиран како еден од најдобрите рок концерти во последните неколку години.
  • Новогодишен концерт во Битола, настан кој е направен во соработка со Центарот за култура во Битола и дел од солистите и балетскиот ансамбл на Националната опера и Балет, кој што секоја година со нетрпение се очекува и ја воодушевува публиката за време на новогодишните празници.
  • Засекогаш во срцата, концерт посветен и во чест на Тоше Проески. Настан на кој што гостуваат многу наши пејачи во салата на Центарот за култура во Битола. Овој концерт се одржува две вечери по ред, и оваа година картите за концертот беа продадени за помалку од 1 час.
  • Соработките со Фестивалот на музика од светот, каде што настапуваат светски познати артисти во придружба на Камерниот Оркестар како и реномираниот фестивал Интерфест, каде што оркестарот секоја година го наоѓа своето учество како гостин и како придружба на познати артисти од светот на класичната музика.

Оркестарот негува репертоар од класична, па сè до популарна музика како што се проектите Рок Симфонија, Поп Симфонија, Џејмс Бонд Симфонија и Џон Вилијамс Симфонија. Досега на самостојните концерти на кои се изведувала класична музика, гостувале многу домашни и странски диригенти и солисти, како што се Алесандрo Д’Агостини (Италија), Ендер Сакпинар (Турција), Анатолиј Крстев (Бугарија), Борис Спасов (Бугарија), Иван Кожухаров (Бугарија), Саша Николовски - Ѓумар, Сашо Татарчевски, Бисера Чадловска, Ле Фифи, Антал Залаи (виолина), Роби Лакатош (виолина), Керем Горсев (пијано) и други, а оркестарот остварил и многубројни настапи на фестивали кои што ја поддржуваат класичната музика.

Камерниот оркестар на Битола

4. Балкан Гала е настан кој се случува втора година по ред. Како настана Балкан Гала?

- Балкан Гала во суштина е природен производ на најпопуларните проекти на Камерниот оркестар. Фестивал со уникатен карактер, единствен од ваков вид, каде што публиката има можност да види популарни изведувачи во придружба на оркестар. Балкан Гала всушност претставува дводневен фестивал, првиот ден - Рок Симфонија за љубителите на рок музика, и вториот ден - Поп Симфонија за љубителите на поп музика. Тоа што овој настан го издвојува од другите се изведувачите кои настапуваат, а се од Македонија и од Балканот.

Но, покрај тоа што се вклучени изведувачи од Балканот, не ја исклучуваме можноста во иднина да вклучиме и светски изведувачи како гости на фестивалот, затоа што овој фестивал нема одредени граници, туку има отворено поле за реализирање на соработки со артисти од целиот свет.

Камерниот оркестар на Битола Камерниот оркестар на Битола

5. Земајќи во предвид дека со КОВИД-19 настаните беа одложени, како помина првата Балкан Гала, а како оваа?

- Балкан Гала се случи за прв пат во 2021 година на ракометното игралиште во Битола, во време на пандемија, кога големи манифестации не се одржуваа и се беше неизвесно. Така се одвиваа и подготовките за Балкан Гала '21 - во неизвесност. Поради недостигот за музицирање и споделување на емоции со публиката, изникна идејата за Балкан Гала. Посетеноста на првото издание беше голема, со оглед на околностите и рестрикциите на кои што сите се навикнавме. Импресиите беа големи и публиката ја почувствува уникатноста на тоа што сакаме да го постигнеме со започнувањето на Балкан Гала - издигнување и поместување на границите на музичките настани. Со второто издание односно Балкан Гала '22 се дефинира правецот во кој што неизбежно се движи фестивалот - уникатен и гламурозен, фестивал со тенденција да прерасне во препознатлив бренд, кој што на публиката ќе му донесе шоу од светски размери и сцена на која што ќе настапуваат најголемите ѕвезди од домашната, балканската и светската сцена. За повеќе информации за тоа како помина овогодинешната Балкан Гала може да прочитате на следните линкови:

Камерниот оркестар на Битола го одржа второто издание на „Балкан Гала“

Галерија – Рок Симфонија 2022

Галерија – Поп Симфонија 2022

Рок и Поп симфонија по мерка на битолчани

Камерниот оркестар на Битола Камерниот оркестар на Битола

6. Кои се плановите на Камерниот oркестар за во иднина во поглед на останати концерти, и Балкан Гала?

-Камерниот oркестар веќе ги планира преостанатите настани за 2022, и традиционалните настани и соработки за 2023 година. Како гости, припремаме концерти со различни теми на домашната сцена, на неколку домашни фестивали во различни градови. Оркестарот со своите најпопуларни проекти за 2023 планира повеќе гостувања низ Балканот на реноморани фестивали. Што се однесува до Балкан Гала, за следното издание припремаме листа на гости кои што ќе ги прошират границите на соработките кои што сме ги оствариле досега, а настанот ќе го стават на мапата на најдобрите фестивали на Балканот.

Следете ги профилите на социјалните мрежи на Камерниот Оркестар на Битола за да бидете во тек со нивните тековни и планирани настани - Facebook, Instagram.

Контакт:
Андријана Димитриевска
Маркетинг Консултант
Email: andrijana.dim@hotmail.com

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20945 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.