Малите пациенти на Клиниката за детски болести во Скопје добија предновогодишно изненадување.
За време на нивниот болнички престој, тие добија посета од Дедо Мраз, Мики и Мини Маус, Спајдермен, Супермен и синиот Рејнџер. Овие детски херои со јажиња се спуштија на Клиниката за да им подарат насмевки и подароци на болните дечиња.
Оваа иницијатива се реализира веќе петта година од вработени во Црвениот Крст на град Скопје.
„Да подариме насмевка. Волонтерите на Тимот за одговор при катастрофи – Тим за спасување на планина, облечени во костимите на детските херои, Спајдермен, Бетмен, Мини Маус и Супермен, а потпомогнати од Дедо Мраз, со јажиња се спуштија на Клиниката за детски болести во Скопје. На малите пациенти им подарија насмевки и новогодишни пакетчиња за претстојните празници“ – стои во описот на фотографиите споделени од Црвениот крст на Facebook.