Дејана Бачко сними прекрасна семејна фотосесија. Србинката родена без раце позираше со 3-месечната ќеркичка и саканиот Марко.
Дејана, која е позната како „девојката со крилја“, и нејзината малечка Лара носат ангелски крилја.
„Заедно, летаме кон нови висини, храбро и со верба во нашите соништа. Оваа фотографија нека биде потсетник за сите вас да сонувате големи соништа, да се ослонувате еден на друг и заедно да летате низ животот со љубов, храброст и безгранична доверба“ – пишува Дејана во описот на прекрасната фотографија.
28-годишната Дејана е нарекувана „девојката со крилја“ поради нејзиниот непокорлив дух и упорноста. Таа секојдневно ги одушевува своите следбеници и светот со рушењето на сите бариери кои ќе ѝ се појават на патот.
Инспиративната Србинка прави сè со своите нозе и споделува видеа во кои покажува како се грижи за новородената ќеркичка.