Миа ле Ру ја доби честа да стане првата глува натпреварувачка која ја има освоено титулата Мис Јужна Африка.
Емотивната девојка беше крунисана на манифестација која се одржа во Кејптаун.
28-годишната девојка го изгубила слухот уште кога имала една година, а денес носи кохлеарен имплант за да може да слуша.
Кога била малечка, Миа две години одела на терапии пред да успее да ги изговори првите зборови.
Со сите свои напори и успеси, Миа руши бариери и ги отвора вратите за идните генерации кои живеат со некакви попречувања. Таа вели дека сака да им помогне на сите кои се чувствуваат исклучени од општеството, да ги остварат своите „најлуди соништа“, исто како што успеа таа.
„Јас сум горда глува Јужноафриканка и знам како е да се чувствуваш исклучена. Сега знам дека дојдов на оваа планета за да рушам бариери и тоа го направив денес“ – изјавила таа.
„Кога бев мало девојче, никогаш не помислував дека некој како мене може да стане Мис на Јужна Африка. Исклучително моќно е што ова може да им значи на други мали девојчиња. На двегодишна возраст бев благословена од мојата заедница со дарот на кохлеарен имплант. Семејството, пријателите и други луѓе собраа средства за оваа операција – можност што ми го промени животот и ми овозможи да слушам. Тоа беше почетокот на патувањето кое ме научи да не се откажувам. Потребни беа две години говорна терапија за да погледнам кон небото и да ги кажам првите четири зборови ‘Kyk daar, wit wolke’ (види таму, бели облаци)“ – открила Миа.