Објава на скопјанка стана вирален хит на социјалните мрежи по трагичната несреќа, бидејќи ја потсети цела Македонија дека болката и тагата не познаваат вера и нација.
Весна Попоска, која е генерален секретар на Меѓународниот Универзитет „Визион“, Гостивар, и често патува на релација Скопје-Гостивар, напиша емотивен текст кој повикува на обединетост и добрина во овие моменти на тага.
Патувам со „Дурмо Турс“ веќе пет години, со истите добро препознатливи црвени автобуси, речиси секој ден. Шоферите со кои најчесто патувам се прекрасни луѓе и исклучително внимателни, ме гледале секогаш како свое дете. Сме патувале низ пороен дожд, тежок снег и густа магла. Верувам дека и денес кој и да возел возел со најголемо внимание и најдобро што може. Во тој автобус денес се возеа наши пријатели, соседи, роднини...
Гостиварци се исклучително добри луѓе и не заслужија ваква трагедија. Никој не заслужува вакво нешто. Многу, многу ми е жал и срцето ми плаче. Меѓу настраданите и повредените има и Македонци, и Турци, и Албанци, а и месното население кое притрча прво напомош е исто така од мешан етнички состав. Секој на различен јазик му се моли на истиот Бог, за доброто на сите кои се во мака. Солзите и болката не познаваат вера и нација. Жалосно е што треба да се случи трагедија за да се обединиме толку цврсто. Што носи мигот, не носи годината. Да бидеме подобри луѓе овој ден и секој ден за сите што заминаа, бидејќи секој од нас можеше да биде на нивно место. Пријатели, моите мисли и моите молитви се со сите вас. Бидете силни како што само вие можете. Гостивар памети!