На младите останува иднината, па поради тоа Кристина Мукаетова го посети кабинетот на македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова за да слушне какви пораки има таа за нив.
Во епизодата „Резолуција 2025“ од „Низ град со Кики“, ѕвездата од „Дајте музика“ разговара со Претседателката на крајот од 2024 година и ја прашува какви желби има таа за младите во Македонија.
Еве го нејзиниот одговор:
Која е најголемата желба? Па, да го следат примерот на Кики. Штом одбравте со мене да го одбележите крајот на годината и штом јас се согласив со задоволство заедно да го одбележиме крајот, значи дека имам огромна симпатија кон младите.
Нема поубава фаза во животот од младоста, не случајно во староста се навраќаме на младоста.
Младоста е период кога се учи, младоста е период кога се вложува во себе. Треба да бидете сигурни вие младите дека колку што ќе вложите, толку ќе добиете во животот.
Мојата порака е:
- Учете.
- Читајте.
- Бавете се со спорт.
- Бавете се со музика.
- Постојано усовршувајте се.
- Верувајте во себе. Дури и на младите кои имаат некаква „попреченост“ им порачувам да бидат сигурни дека природата е совршен креатор и дека попреченоста има некој друг одговор, прекрасен, што ќе ја избрише, релативизира или надомести со нешто.
- Немојте да се навредувате едни со други. Почитувајте го другиот. Нема посилно оружје од зборот.
- Немојте да живеете само во виртуелниот свет. Уживајте во реалноста. Таа е неповторлива!
- Нема поголема инвестиција од таа во знаењето! Така ќе бидете потолерантни, така ќе бидете посигурни во себе и така ќе имате сигурна иднина, а тоа е најважно за нас возрасните. Не се согласувам со онаа теза дека по потеклото или по родителите се препознаваат децата. Не, обратно. По децата се препознаваат родителите.
- Значи, не заминувајте си одовде. Не случајно сте родени овде. Енергијата ви извира одовде. Одете надвор за да се натпреварувате, за да докажете дека сте исто толку добри, за да ги урнете предрасудите. Ама вратете се дома за да помогнете и за да покажете и за да докажете дека ова е убаво место за живеење.
- Критикувајте секогаш. Бидете критични, тоа е многу важно. Уште од основно училиште треба да ги евалуирате учениците и нас професорите, а не само ние вас. Така ќе ни помогнете да го разбереме прекрасниот детски свет и младешки свет
„Ретко кој нè прашува нас тинејџерите, што НИЕ сакаме? Епа еве: искрен разговор, позитивни модели на идентификација, нова убава музика, нови содржини и нови предизвици кои ќе направат да се чувствуваме корисни и вредни за внимание“ – пишува во описот на 11-тата епизода во која учествуваа и други познати личности како генерал Стојанче Ангелов, селекторот на македонската ракометна репрезентација Кирил Лазаров, модната дизајнерка Јована Филиповиќ, артистот Јанг Дади, актерот Стефан Николовски и генералниот директор на „Алкалоид“, Живко Мукаетов.