Бразилските медиуми известија дека млада мајка роди бебе со две глави. Малото момче е во добра здравствена состојба.
Скенирањата покажале дека тоа има две добро оформени глави, едно срце, а сите негови витални органи функционираат нормално. Докторите известуваат дека здравјето на момчето е одлично и дека тоа цица од својата мајка со двете глави. Се очекува уште во текот на оваа седмица мајката и бебето да бидат пуштени дома.
25-годишната мајка немала направено преглед со ултразвук во текот на бременост и открила дека бебето има две глави само неколку минути пред породувањето.
„Кога докторите ја скенираа сфатија дека бебето има две глави и дека нормалното породување ќе ги изложи на ризик и мајката и бебето“ – изјавила Клаудионор Азис де Васконселос, директорка во болницата, и потврдила дека операцијата со царски рез траела еден час.
„За нас беше големо изненадување кога откривме дека детето е во добро здравје“ – признала таа и дополнила дека мајката не била вознемирена од изгледот на бебето.
„Напротив, бебето беше прифатено од семејството со многу радост. Мајката ги нахрани двете усти и цело време бебето остана во собата со неа. Нејзината желба е веднаш да го однесе бебето дома“ – рекла Клаудионор.
Всушност, многу поправилно е да се смета дека ова се две бебиња со едно тело. Според информации од бразилските медиуми, мајката ги крстила бебињата Хесус и Емануел.