Џој Рајан живее со полни гради и покрај тоа што чекори во десеттата деценија од животот.
94-годишната бабичка, која стана најстарата личност која ги има посетено сите 63 национални паркови во САД, сега има нова мисија. Таа одлучи да ги посети сите континенти со својот внук Бред.
Џој открива дека својот прв пасош го извадила на 91-годишна возраст, а нејзината страст за патување и истражување на нови места се развила дури кога имала 85 години.
Авантурата на Џој и Бред започнала еден викенд кога 42-годишниот внук Бред Рајан ја поканил Џој на планина, сакајќи да создаде убаво искуство за неа, бидејќи ретко одела некаде.
„Јас пораснав во Охајо. Никогаш не сум направила нешто толку возбудливо, сè додека не ја започнав оваа авантура“ – изјавила Рајан.
Нивното прво патување во националните паркови било во 2015 година, а сега тие ја продолжуваат авантурата низ светот.
Џој и Бред веќе се на половина од исполнувањето на мисијата. Изминатата недела тие пристигнаа на Антарктикот, а претходно ја посетија Северна Америка, Јужна Америка и Африка.
Следна дестинација ќе биде Европа. Во јануари, тие планираат да ја „ловат“ поларната светлина Аурора Бореалис во Исланд, а во септември да се упатат на малку потопло место како Борнео (Азија).
„Беше како остварување на соништата. Ви се колнам. Никогаш не ни сонував дека ќе успеам да го направам тоа. Беше неверојатно“ – изјавила Џој по посетата на сите национални паркови во САД, а сега со голема возбуда продолжува да го истражува светот и да се насладува на она што не можела целиот свој живот.
Бред признава дека Џој му го променила ставот за стареењето.
„На стареењето гледаме со толкав страв. Но, кога ќе видите некој во доцните осумдесетти години како се тркала по песочна дина во Колорадо или како ужива на рафтинг на Алјаска на 91-годишна возраст или како гледа китови на Антарктикот на 94 години, тогаш почнувате да си велите: ‘Што е тајната?’. А баба ми ме научи дека тајната е само да кажете ДА. Зграпчете ги можностите кои ви ги нуди животот на секоја возраст“ – вели Бред.