Хигиеничарки од Индија добија 1,2 милиони долари на лотарија.
Единаесетте жени, кои заработуваат само неколку долари дневно, заедно собраа 3 долари за да го уплатат добитното ливче, бидејќи одделно не можеле да си го дозволат тоа. Откако ќе исплатат данок на државата, тие ќе поделат џекпот од 700 илјади долари, што е огромна сума на пари за нив.
Најголем дел од добитничките ќе ги искористат парите за да ги исплатат долговите и кредитите земени за лекување, школување на децата или за основните трошоци за живот.
„Пливам во долгови, па овие пари ќе бидат големо олеснување. Конечно ќе имам мир, но моите грижи ќе исчезнат само откако парите ќе пристигнат на мојата сметка“ – рекла Лила, една од добитничките.
Жената која го уплатила ливчето рекла:
„Одлучив да почекам до следното утро по објавувањето на резултатите за да проверам со моите колешки. Кога го проверив добитното ливче, беше исто како нашето. Не можевме да веруваме“.