Денеска во Градскиот Парк во Скопје, во организација на Организацијата на жените на град Скопје и Националната мрежа против насилството врз жените и семејно насилство, се одржа настан по повод кампањата „Здружени против семејното насилство и насилството врз жената”. Под мотото „101 роза со љубов”, организаторите ја најавија новата кампања, а истовремено ги охрабрија присутните и сите останати граѓани да донираат средства за жртвите на семејно насилство на отворениот број за донации 070 143 300 на Т-Мобиле. Средствата од донациите ќе бидат наменети за жртвите од семејното насилство кои се згрижуваат во интервентниот центар „Транзитна женска куќа”.
На настанот воведно обраќање имаше Томка Дилевска – претседател на Организацијата на жени на град Скопје.
„Од своите почетоци па се до денес, ОЖС напорно работи за потребите на општеството. Организацијата е секогаш подготвена на дејствување за подобро утре на македонската жена како индивидуа и како членка на семејството, а со тоа и подигнување на свеста за проблемот на семејното насилство. Во градскиот парк засадивме 101 роза во облик на стилизиран симбол на надеж (срце во срце). Розата е симбол на жената, при што цветот е симбол на нејзината убавина, а трновите се симбол на нејзината болка. Се употребува и симболизам на бои, розевата која е симбол за почит и белата која симболизира надеж и нов почеток. Уште повеќе, симболот срце во срце ја симболизира надежта која никогаш не исчезнува. ОЖС ќе продолжи континуирано да се бори за подигнување на општата јавна свест во однос на темите поврзани со семејното насилство, но и да ги поддржи напорите за справување со овој негативен општествен феномен" – вели г-ѓа Томка Дилевска, претседател на Организацијата на жени на град Скопје.
Минатата година, Организацијата на жени на град Скопје го одбележа својот 20-годишен јубилеј. ОЖС и понатаму ќе дејствува во насока на подобрување на општествената положба на жената ,на женските права, на поголема конкурентност за жената на пазарот на трудот, на правата на жените при здравствената заштита и репродуктивното здравје, како и толеранција, мир и соживот во целата заедница.