Почетна » Новости » Животни стории » Приказната на една нео-вагина

Приказната на една нео-вагина

Тинејџерството и првата менструација која никогаш не се случи

Имав 15-16 години и растев во мал град. Знаев дека нешто чудно се случува со мене. Имав навидум „нормално“ детство, во семејство на работничка класа која не знаела за годишни одмори и која ја помина големата финансиска криза на 90-тите. Бев љубопитно и креативно дете. Во тинејџерските години, почна да ме фаќа страв и паника. Сите другарки веќе имаа добиено прва менструација. Почнав почесто да ги проверувам гаќичките да не случајно имам крв и да не случајно конечно и јас добив. Се развивав нормално, хормоните ми беа добри, ми растеа гради, влакна, сè си имаше навидум нормален пат и развој.

За една тинејџерка, со свои бубачки и распрснати хормони, таа језива тегобност на чекање беше голема драма која со себе носеше голема нетрпеливост и анксиозност. За сите други, тој процес беше нормален и природен. Не разбирав ништо, а и не знаев како да се вклучам во разговор на оваа тема. Со моите дома не бев до толку блиска за да зборувам отворено. Од нив секогаш имам поддршка, но сепак, во тие години, едноставно ми беше срам да зборувам за себе. Но, темата лебдеше во воздухот и стануваше непријатна.

Никогаш не се вклучував во муабетите за добиено, недобиено, доцнење, болки, апчиња. Никогаш не седев на клупа на час по физичко поради „женски проблеми“. Молчев и чекав. Тоа беше мојата тајна. Никогаш не добив менструација и не знам како е.

Жена

Дијагнозата

Неколку гинеколози не можеа да откријат што точно се случува. После многу испитувања, магнетни зрачења и хормонски терапии базирани на апчиња, следно беше лапароскопија на државна болница. Наодот беше - два исправни јајници, неразвиена матка во облик на лента и отсуство на вагина - вагинален канал – MRKH - Mayer-Rokitansky-Küster-Hauser syndrome. Прв пат слушам за ова. Не знаев дека воопшто постои ваков… синдром. Не познавав никој во ваква ситуација, и самата не знаев како да се справам со овој факт.

Секако, бев во преголем шок да ги примам и преработам информациите. Моите родители беа потресени, особено мајка ми. Морав да гуглам за МРКХ. На македонски јазик нема речиси ништо, скоро па никаква информација. „MRKH syndrome is the common name for Mayer-Rokitansky-Küster-Hauser syndrome. MRKH syndrome is a condition where young women are born either without a vagina and uterus or with an underdeveloped vagina and uterus. It is the most common type of vaginal agenesis. Agenesis is Latin for "not developed“.

Се случува на една од 5.000 жени, отсуство на матка, неможност за зачнување и носење дете. Јајниците ми се добри, сепак можам да имам свое дете, но не можам да го носам. Кога си тинејџер, не знаеш како да се справиш со ваквите сознанија за себе и го правиш она што го налага стравот на таа возраст - го ставаш настрана проблемот, го игнорираш и го оставаш да го решаваш „кога ќе му дојде времето“. А кога ќе му дојде времето?

Артикулација на немоќта

Времето поминува и молкот полека станува емотивен товар кој ѕирка од под тепихот, се шири. Молкот на немоќта да се променат работите. Молкот на неприфаќањето. Молкот на обвинувањето. Молкот е ужасен кога не знаеш што да правиш со него. Молкот кој станува слонот во собата кој го игнорираш. Кому и како да кажеш? На кој начин и со какви зборови? Како се кажуваат тие работи? Кој е мојот личен однос и став кон овој проблем? Кога прв пат на глас ќе проговорам за ова и како ќе звучи тоа? Дали некогаш ќе се помирам со ова? Со години не знаев да ги одговорам овие прашања и како што поминуваше времето, така ги согледував аспектите од комплексноста на оваа проблематика.

Од оваа перспектива, гледам дека сите овие години всушност сум МОРАЛА сама да поминам низ пеколното искушение на себеприфаќањето или поточно прифаќањето на моето тело и мојата - да речеме – судбина (во таква една смисла). Ми требаа многу години за да можам да напишам - во ред, јас не можам да родам, не можам да имам деца. Дури и сега паузирам, и ја чувствувам таа кнедла на тишината во грлото.

Всушност, најголемиот страв е кога се чувствуваш сам/а. И кога реално нема никој што те разбира и со кој можеш да направиш искрен муабет, да се утешиш, да размениш за болката, да слушнеш, да се исплачеш на раат. Не познавав никој со слична или иста ситуација, а и никој не ни знаеше за мојата. Знаеја моите блиски пријателки, дел од некои роднини. Ова го држев многу време, па сакам сега многу експлицитно да објаснам и појаснам низ што точно поминував, а зошто – ќе поентирам на крај, се надевам ќе имате разбирање.

За сексот

Имав убави младешки години - искачања, големи друштва, дружби, креирање, бунтување – сè што и следува ѝ прилега на незапирливата живост и енергија на младоста. Завршив гимназија, подоцна завршив и факултет. Имав дечковци, имав и љубови, но немав нормален и конвенционален секс, едноставно. „Не сега, не сум спремна, ме боли, се плашам, ај друг пат...“ До кога можеш да наоѓаш изговори и да живееш во паралелна параноја и секогаш кога треба да се случи пенетрација, ти да визуелизираш внатрешни органи и да сфатиш како точно изгледа отсуство на вагинален канал? Па да ти збоктиса и секс и сè. Не може. Не може, физички е неостварливо.

Каналот е многу мал, краток и пенетрација е физички неизводлива. Како да му го објасниш ова на маж кој толку многу ти се свиѓа и лежи до тебе со ерекција? Како да му објасниш нешто што ни сама не знаеш како да го склопиш и во исто време се плашиш дека ќе излезеш како тотален чудак и нема никогаш да се видите пак? Мојот секс беше експериментален и креативен. Не дека не уживав, но едноставно имав потреба од тој најнормален и најобичен за сите - интеркурс. Да, сите зборуваа за сексуалните искуства и повторно не можев целосно да учествувам во муабетите. Во целина, не можев да се опуштам за да зборувам за тоа.

Пробав еднаш, после месеци собирање храброст, да му кажам на еден тогашен партнер за комплексноста на ситуацијата и... ме остави. Рече дека не може да се занимава со вакви работи и излезе низ вратата. И од мојот живот. Како и да е. Да, секако дека бев скршена. Тоа беше додатен зачин на мојата веќе неподнослива фрустрација.

Бегството или соочувањето со себе

Вака, кога зборувам за себе и се набљудувам како сум растела и како сум се развивала, сфаќам многу работи за развојот на мојата личност и карактерот воопшто. Сфаќам зошто сум била затворена личност и не сум зборувала многу за мојата приватност. Не затоа што не сум имала потреба, туку затоа што не сум можела гласно пред себе да си признаам за стравот, да си признаам колку всушност сум исплашена и изгубена. Почнав да се затворам во себе како полжав во куќичка и да молчам. Научив да живеам во тој молк. Но, тој молк ме научи да зборувам на други јазици и да отворам дијалози со себеси во други форми и облици, да избегам од реалитетот и да ја барам слободата преку креативно изразување. Чувствував дека се гушам и дека морам да се ослободам, морав некако да земам здив. Морав сама да откривам начини како да се справам со нападите на анксиозност и паника. Морав на некој начин и во некаква форма да го вадам стравот и гневот од себе, да го артикулирам, да се ослободам од него.

Сите начини на изразување кои поминаа низ мене, всушност беа терапија преку која зборував за мојата болка. Полесно ми беше. Можам многу отворено да кажам дека мојата уметност ме спаси. Веројатно би продолжила да пишувам за целиот пат низ кој поминав и како и што поточно ме инспирираше да продолжам да креирам. Сега сфаќам дека без таа способност немаше да преживеам.

Жена

Војната со менталитетот

Возраста полека ги трансформира приоритетите и потребите. Одредени фази од животот носат различно бреме и поставуваат различни прашања. Дојдов во фазата кога почнав да го чувствувам притисокот од надвор. Надвор од константните конфликти со себе. Почнав да го чувствувам конфликтот со средината во која живеам која постојано те патронизира и наметнува правила и норми. Дури и кога ти не сакаш да се занимаваш со општеството, тоа секогаш ќе се занимава со тебе, ти си исто така дел од него и имаш одредена одговорност и неколку улоги во истото. Почнав да ги преиспитувам овие перспективи. Малите места си имаат свои „нормалности“ кои не се преиспитуваат, туку некако се подразбираат. Овде на Балканот, голема војна е обидот да се справиш со менталитетот, поготово ако си страната која е „различна“ и „ненормална“.

Војната овде е да се вклопиш по секоја цена, да бидеш како другите, да не штрчиш. Јас од секогаш бев токму тоа. Но, сепак се преиспитував. Знам дека долго време чувствував вина и ми беше тешко да живеам со тоа дека моите родители нема да имаат внуци од мене, дека јас тоа нема да им го дадам. Чувствував вина дека нема да ги израдувам и дека во староста ќе бидат сами поради мене. Знам дека притисокот од тоа исто општество нема да го чувствувам само јас, туку и тие. Се чувствував ужасно бескорисно и изгубено. Од каде ова чувство кај мене? Зошто се повикувам на традицијата, на важноста од продолжување на потомството и зошто толку болно го прифаќам фактот? Јас воопшто не сум конзервативна, а сепак на некој начин ова ме погодува. Собирам информации за семејните дрва и сфаќам дека со мене таму приказната завршува и чувствувам длабоко предавство кон моите претци! Сфаќам дека овие прашања и мојот однос кон нив се важни и можеби клучни за мене.

Луѓето овде знаат да бидат груби и зајадливи и да не се грижат за твоите чувства. Ми требаше време да се навикнам на нивните коментари и самоповикани совети кои навидум се секогаш добронамерни. Ако си жена и достигнуваш одредена возраст, сите по ред ти ги поставуваат истите прашања - „Ајде, кога ќе се мажиш? Кога мислиш да раѓаш деца, време ти е! Ајде, па и на твоја глава што поскоро. Уф, како ти стои дете, како ти личи, да знаеш!“ Принуден си да измислуваш изговори, да се смешкаш, да не ги навредиш, се трудиш да имаш разбирање иако со тие прашања тие воопшто не покажуваат никакво разбирање и почит за тебе. Почнувам да разбирам како функционираат работите и пробувам да имам разбирање за сè и за сите. Но, конфликтот е очигледен, доста експлицитен и остар. Не само што не можам, туку и не сакам да го живеам мојот живот според нечии туѓи замисли и очекувања за мене. Јас сум повеќе од тоа и одбивам да се вклопам.

Почнува да ми смета, почнувам да чувствувам нелагодност и обвинување. Знаеме дека затворените и конзервативни општества (како што во голема мера е нашето) имаат конкретна слика и модел за жената. Посебно длабоко религиозните места, кои никако да дојдат да живеат во векот на остатокот од светот, па постојано се навраќаат на некои одамна поминати и соџвакани тематики. Во еден таков контекст, жената според таквите критериуми е репродуктивна машина, таа треба да сака мажи но да избере само еден и да му биде покорна, да му раѓа деца, да биде добра домаќинка, и тоа е тоа. Нема филозофија. Жената е робинка во патријархалниот свет изграден од супериорни мажи кои се господари на светот. И доколку во тој свет таа не може да ја исполни единствената „задача“, таа е бескорисна, ненормална и неупотреблива. Звучи језиво и грубо, но за жал, иако е 21-ви век, сè уште одредени средини и општества живеат во ваквиот менталитет. За жал, конзервативните политики на ектремната десница ширум светот звучат исто и отворено ги промовираат овие принципи.

Големиот чекор кон трансформација

Не знам дали работите се случуваат случајно или се едноставно предодредени. Дојдов до период од животот кога запознав личност со која можам да делам сè. Некој пред кого можам да зборувам за своите „демони“, некој пред кого можам да ги покажам моите лузни. (Ти благодарам што ме прими во твојот живот, ти благодарам за сè што си разменивме, за светлинката што ми ја даде и без која немаше да стојам на нозе.) Поддршката која ја имав од него ме охрабри да почнам да се прифаќам себеси, да се смирам и да направам нешто во врска со тоа. Доволно долго се давев во очајот на стравот, па решив да ги земам работите во свои раце и најважно - не бев сама.

Земав голем здив. Знаев дека имам храброст. Се вмрежив во групи на интернет - групи со жени од цел свет - MRKH warriors, и дознав дека во светот има цела мрежа на комуникација помеѓу овие жени, има неколку организации, фондации, средби, отворени писма и групи за поддршка. Првпат во животот почувствував дека конечно не сум сама, дека има луѓе кои точно разбираат низ што поминувам и како се чувствувам. Споделувањето искуства и зборувањето за проблемите посебно од ваква сензитивна природа е всушност многу голем и важен чекор во борбата за себеприфаќањето. Целата таа комуникација, во тој мал микрокосмос, е своевидна терапија!

Почнав да размислувам на следни чекори и да ги разгледувам опциите. Некои жени избираат да не прават ништо и да живеат со тоа, некои жени одат на операција за креација на нео-вагина, некои жени го добиваат ефектот со dilation - тоа е побавен и поболен процес. Знаев за операцијата, но знаев и дека за мои услови, е прескапа. Поради сензитивноста и комплексноста на самиот оперативен зафат, не сакав да ја направам во државна болница поради ужасните услови во државното здравство, и искрено се плашев за сопствениот живот. Размислував некое време. Имав стабилна работа и одлучив да извадам кредит и да правам операција во приватна клиника кај еден доктор кој има доста искуство во таа област. Смирена сум и знам дека пораснав и надминав сè, благодарна сум на себе што дојдов дотука и спремна сум да се соочам со тешкиот период кој претходи.

Жена

Операцијата

За самата одлука на чекорот за операција, како и целиот процес во текот на и потоа, можам да напишам цела книга. Тоа е најголемиот чекор во мојот живот, и најважниот, засега. Се сеќавам како се будам на кратко после операцијата, како низ магла, се сеќавам на сите измешани чувства. Операцијата траела 5 часа. Случајно ја повредиле бешиката, па ја шиеле. Професионалниот однос и условите ја ублажија целата болка и стравот, се чувствував сигурно и безбедно. Тие неколку дена во болницата ја преживеав најголемата болка и трансформација воопшто.

Креација на нео вагина - davidov sec. се смета за естетска, вид пластична хирургија со тоа што ти земаат дел од кожа од внатрешноста и прават вагина - вагинален канал кој потоа мора да се раширува со вежби на пенетрација. Нема да навлегувам во детали, но ќе кажам дека не знаев за болка сè до тој момент. Уште првиот ден, на отворената рана, ставаат пластично дилдо кое мора да стои внатре неколку часа. Паралелно, поради петчасовната операција на бутовите, на задникот имав рани кои мораше да се третираат и преврзуваат и од кои ми останаа лузни. Лежам на болничкиот кревет со неколку инјекции за болка, преврзани рани, инфузија, катетар и уште едно црево за исфрлање на крвта и… плачам. Поточно, рикам.

Да, целиот процес беше доста трауматичен. Знаев дека ќе имам полни раце работа со себе за да се справам со опоравувањето (и физичко и психичко) и првите болни обиди за нормален секс. Најтешкото допрва доаѓаше, пост оперативно.

Поради стравот од болката на вежбите, скоро месец дена одев во болница секој ден (еден период со катетар) и ги правев вежбите со помош на докторот и персоналот. Неизмерно сум им благодарна на целиот професионален но пред сè човечен однос и разбирање кон комплексноста на мојата ситуација. Но, во еден период ми се случи очекуваното – не можев да се справам со целиот тој стрес и со целата физичка болка и повторно се повлеков и го оставив проблемот настрана, го игнорирав. Не ги правев вежбите, се повлекував при првиот неуспех. Нешто не функционираше, беше доста болно. Требаше огромно трпение и разбирање, тоа е она што е пресудно. Но, едноставно го немавме, па се откажувавме и расправавме. Знаев дека овој храбар чекор има своја цена, знаев што ми претстои, но снемав сила. Почнав да се кршам, да се распаѓам, да се повлекувам во себе, да се изолирам од светот, да не се грижам за изгледот и килажата, снемав самодоверба, почнав да губам доверба и во луѓето, често се изолирав и избегнував дружења и излегувања дури и со старите пријатели. Знаев дека седам во мракот на мојот страв, знаев дека можам да се изборам, но не сакав и не знаев како.

Знаев дека целата моја ситуација во суштина е една компресија на гнев. Морав да го ослободам, морав да си простам за нешто за што не сум виновна. Морав одново да земам голем здив. Морав да разберам дека мојата борба е комплексна и има неколку левели и дека не завршува, не запира туку ќе трае цел живот. Времето и годините ќе носат соодветни ситуации и тешкотии со кои ќе морам да се справувам и морам за тоа да бидам свесна и спремна. Треба сама да ги најдам средствата и веројатно тоа ќе ја изгради и дефинира мојата борба.

На моите жени, моите MRKH warriors

Решив за мојата борба да зборувам отворено и експлицитно затоа што сметам дека поинаку не може. Решив да зборувам зашто знам дека некаде има некоја жена што поминала или поминува или ќе поминува низ истиот пат, но нема на кого да се обрати, нема со кого да сподели. Решив да зборувам за ова зашто сметам дека табуата треба постојано да се разбиваат и дека е здраво да се зборува и дискутира за вакви и слични проблематики. Решив да зборувам затоа што неплодноста кај жените во последните години се зголемува. Решив да зборувам затоа што ми е доста од стравот на неинформираноста и изолацијата, тоа не носи ништо добро. Решив да зборувам затоа што ми е доста од односот на сожалување и демонизирање на неплодните жени од страна на општеството. Општеството кое постојано си има работа со улогата и местото на жената во истото. Но, ние сме тука за неуморно да укажуваме - Жената не е инструмент за да „припаѓа некому“ и за да „служи за нешто“. Жената е независно и комплексно битие, слободна за својот живот да одлучува самата! Психофизичкото здравје на жената е одраз на односот на едно општество кон неа. Каде сме ние по ова прашање? Би сакала поопширно да се занимавам со таа релација, но, во оваа фаза, сакам да им се обратам исклучиво на жените – моите MRKH warriors. Ова писмо е всушност за вас, другарки:

Ние ја имаме истата борба и ја делиме истата болка, и не сме сами во страдањето. Не сте сами и не сте единствени. Сочувствувам со вашата болка и ви ја подавам раката, најдругарски. Во еден момент, ќе станете исправени и ќе бидете благодарни на себе за сè што сте постигнале и издржале и што ве направило челично силни. Прифатeте го и сакајте го своето тело, такво какво што е. Не сме помалку жени и не сме помалку вредни само затоа што не сме репродуктивни инкубатори. Можеби тоа значи дека треба да се посветиме на други работи во животот, да ја најдеме смислата преку некаква друга индивидуална реализација, да се посветиме на она што најдлабоко го посакуваме за себе од животот. За оние кои сакаат по секоја цена да бидат мајки - олеснителна околност е фактот дека сепак живееме во 21ви век и дека технологијата и медицината се во постојан и многу брз развој и секогаш постои опција за сурогат мајчинство или трансплантација на матка - нешто што пред неколку години започна во Шведска а веќе постои и во Америка, а за брзо и во другите развиени земји. Значи, патот е тежок и комплициран, но постојат отворени опции, а со тоа и надеж.

Жено, ти си слободна и ти одлучуваш за своето тело, какво и да е. Твоето тело е твојот дом и твојот храм. Важно е да разбереш дека ти си многу повеќе од репродуктивна машина и дека твојот идентитет не мораш да го градиш врз култот на мајката. Важно е да препознаеш и да бидеш спремна дека затворените, конзервативни општества ќе те отфрлат, ќе те обележат, дури и сожалуваат и во крајна линија - демонизираат. Нашата борба е на неколку паралелни фронтови, затоа ни требаат дополнителни мускули, нерви и волја. Важно е да знаеме дека никому ништо не должиме и дека немаме апсолутно никаква потреба никому да се правдаме. Мораме да се држиме заедно и да бидеме силни зошто само така можеме полека да ги кршиме табуата и предрасудите. Мораме отворено да зборуваме за проблемите и да учиме од нив, да растеме и како индивидуи, а со тоа и како општество. Мораме да посочуваме дека здраво општество е она кое ги прифаќа различностите и дека за секого треба да има простор.

Ве гушкам жени, останете силни, ве сакам!

Ваша,
Гасеница

П.С. Сите они кои сакаат да истражат малку повеќе или да се запознаат со МРКХ, може да ја посетат страната https://www.beautifulyoumrkh.org/.

Сите кои сакаат да ме контактираат за било каква информација, прашања, разговор, било што, може да ми се обратите на е-меил – gasenica08@gmail.com

Идејата е да се вмрежиме, да разговараме, да размениме искуства.

Текстот е напишан од читателка на Фемина

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20838 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.