Почетна » Новости » Животни стории » Жени споделија фотографии и исповеди за насилните врски по веста дека маж ја уби бремената сопруга и ќерките

Жени споделија фотографии и исповеди за насилните врски по веста дека маж ја уби бремената сопруга и ќерките

Пред три недели, Колорадо го потресе веста за смртта на бремена жена и нејзините две мали ќерки, кои беа пронајдени задавени на имотот на нафтената компанија во која работеше нејзиниот сопруг Кристофер Вотс. Подоцна, Вотс беше уапсен и обвинет за нивната смрт.

Профилите на социјалните мрежи на починатата жена беа исполнети со среќни семејни фотографии на кои нејзините ќеркички се забавуваат со нивниот татко. Роднините и пријателите на жртвите го опишуваат Кристофер како добар татко и сопруг, па многумина се запрашаа како можел да го направи тоа.

Додека се расветлуваат сите овие настани, многумина на социјалните мрежи отворено зборуваат за насилството врз жените.

Џули Стар сподели текст и свои фотографии од последиците од нападите на нејзиниот поранешен сопруг. Во текстот таа апелира жените кои се во насилна врска да го напуштат партнерот веднаш за да не бидат дел од жртвите за кои се зборува во вестите. Еве го текстот на Џули, кој поттикна многу жртви на семејно насилство да го споделат своето искуство во коментарите.

Семејно насилство

Ми падна многу тешко на душата кога ја слушнав веста од Колорадо. Маж наводно си ја убил бремената сопруга и двете мали ќерки. Она што боли... од сè што прочитав... е дека „никој не знаеше“. Нејзините профили на социјалните мрежи можеа да се пофалат со фотографии од среќно семејство, па нивните пријатели и семејства „немаа претстава“ дека имале проблеми. Тој е „добар маж... одличен сопруг и татко“, како можел да го направи ова!?

Тоа е така бидејќи го направил кога никој не гледал.

Не го објавувам ова за внимание, јас го ПРЕЖИВЕАВ ова. Кога заминав, сите беа изненадени. Ме прашуваа зошто не останав подолго. Ми велеа: „Не можеш туку-така да се откажеш од бракот.“

Зошто заминав? Бидејќи мојата безбедност и безбедноста на мојата ќерка вредеа.

Ова ќе боли... не малку. Туку многу.

Човекот што го сакаш... Дали некогаш те нарекол кучка? Ку*ва? Тоа не е љубов.

Дали некогаш те плукнал в лице на Денот на мајката? Тоа не е љубов.

Дали те нарекол „дебела“ непосредно откако си му РОДИЛА ДЕТЕ, а потоа ти рекол „Со среќа во заминувањето. Никој никогаш нема да те засака... Погледни се“. ТОА НЕ Е ЉУБОВ.

Дали те плеснал толку силно што си летнала наназад, си паднала на масичката, а тој ти го зел мобилниот телефон заедно со сите други телефони од домот и ги скрил за да не можеш да повикаш полиција додека тој седел до тебе и со плачење ти се извинувал за она што го направил? НЕ МУ Е ЖАЛ И ТОА НЕ Е ЉУБОВ.

Семејно насилство

Дали некогаш направил дупка во ѕидот со тупаница? А во вратата од спалната? Или во вратата од бањата само затоа што си се обидувала да се истушираш, а тој немал завршено со кавгата? Тоа не е љубов.

Семејно насилство

Дали тој намерно ти ја удрил раката во вратата толку силно што си завршила на рендген за да видиш дали има фрактура и си била премногу усрамена за да му кажеш на докторот што навистина се случило? Тоа не е љубов.

Семејно насилство

Дали те заклучил надвор сред зима кога сè што си носела на себе е маица и ти се смеел в лице пред да ја затвори и заклучи вратата? Тоа не е љубов.

Дали си легнала навечер со заклучена врата без да се осмелиш да се свртиш со грбот кон вратата за случајно тој да не најде начин некако да влезе и ти да немаш доволно време да реагираш? Тоа не е љубов.

Дали тој го прави ова зад затворени врати... кога нема никој друг во близина? Дали сите што го познаваат... пријатели и роднини... го обожаваат затоа што немаат претстава каков навистина е кога никој не гледа?

Тој не те сака.

Ако некогаш си плачела додека не заспиеш, ако некогаш си се молела Бог да го промени неговото срце, ако некогаш си се молела да ти даде сила да заминеш...

ЗАМИНИ.

ВЕДНАШ.

Замини пред да бидеш дел од вестите. Замини пред твоето семејство да се запраша што/како/зошто се случи тоа. Затоа што тие „не знаеле“.

Тој е силен... Но, ти си посилна.

Дали верувам дека луѓето се способни да се сменат? Да... се молам за тоа.

Постојат ДОБРИ мажи таму некаде. Мажи кои дури не го креваат гласот, а не пак раката. Најди таков маж. ТОГАШ ќе пронајдеш ЉУБОВ.

Во коментарите на Facebook, многу жртви на семејно насилство ги споделија своите искуства:

Не бев во брак со него, но бев во оваа ситуација. Се плашев да заминам, бидејќи мислев дека нема да преживеам. Тој ми имаше земено сè што имав.

Еден ден, сфатив дека сум изморена да ги кријам деловите од моето тело кои тој постојано ги обележуваше со модрици и исеченици. (Кои идиотите од нашиот град мислеа дека самата си ги причинувам себеси.) Ми се смачи да не знам дали следната недела ќе имам дом или не или ако тој одлучи по милионити пат да ме исфрли, дека ќе морам да спијам во мојот автомобил... Ми се смачи да се будам од телефонските повици на случајни жени кои ме контактираа за да ми кажат дека спиеле со него неодамна, додека тој постојано ме обвинуваше мене дека го изневерувам...

Еден ден одненадеж сфатив дека побрзо би спиела на улица отколку да трпам насилство. Некој глас длабоко во мене ми кажа дека ако сакам не само да преживувам, туку вистински да ЖИВЕАМ, дека морам да го напуштам. Добивав закани и клетви, но останав на мојата одлука.

Сега имам мој дом, добра работа, учам и ги правам сите нешта што претходно не можев. Тој ми ги зеде целите и самодовербата. Си докажав себеси дека сум победникот постојано стремејќи се кон успех и среќа и никогаш не сум се чувствувала подобро...

Бев преплашена кога заминав. Морав да се кријам цела недела и тој пак ќе ме најдеше! Имав среќа што се извлеков жива и што никогаш повеќе не се сретнав со него! Имав 24 години кога се случи тоа, тој беше 12 години постар од мене, беше несигурен и ме контролираше. Му благодарам на Бог и на пријателите што ми помогнаа да избегам и ми помагаа. Изгубив многу материјални нешта, но фала му на Бог тоа не беше мојот живот!

На истиот коментар, друга жена додаде:

Исто како да ја слушам мојата приказна. Само што ние имавме дете заедно. Не бев во брак со него, но кога заминувавме само со облеката на нашиот грб, тоа беше најстрашниот период од мојот живот. Сега, 7 години подоцна, ние сме среќни и безбедни. Тоа што го имам мојот син не се споредува со сите материјални нешта што ги изгубивме. Мојот син, кој тој сакаше да го абортирам, е најголемиот дар од Бог! Те прегрнувам.

Јас се криев 6 години почнувајќи од 19-годишна возраст, додека тој не отиде в затвор доживотно без можност за помилување.

Заминав пред 2 месеци и некои луѓе уште се чудат зошто. Зошто го оставив мојот совршен, почитуван сопруг-полицаец? Луѓето кои прашуваат, добиваат одговори, некои ми веруваат, некои не. Не ми е важно повеќе. Побезбедна сум. Посреќна. Не сум под стрес.

Го напуштив таткото на моите деца кога моите синови имаа едниот една година, а другиот два месеци. Заминав без ништо и досега тоа била најдобрата одлука која некогаш сум ја направила, бидејќи тие денес имаат 14 и 13 години и ги воспитувам да бидат мажи кои не го креваат ниту својот глас ниту својата рака на жена. Тоа е она што го посакувам за моите синови и поради тоа заминав.

На овој коментар, друга жена додаде:

Посакувам мојата мајка да ја имаше твојата сила и да заминеше. Твоите синови се среќни што те имаат.

Преживував психичко насилство цели 7 години. Тој ме уништи толку многу што изгубив волја за живот. Најдоброто нешто е што ме напушти. Откако замина, чувствував како огромен товар да се тргна од мене. Можев да дишам и живеам повторно...

Ако сте жртва на семејно насилство, секогаш можете да се јавите на СОС линијата на Кризниот центар „Надеж“ кој е достапен 24/7.

02/15-315

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20838 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.