Со едноминутно молчење во знак на почит кон жртвите од трагичната сообраќајна несреќа во Бугарија, и во знак на сочувство со нивните семејства, Владата на денешната редовна 120-та седница донесе одлука да биде прогласена тридневна жалост на територијата на целата држава.
„За денови на жалост се прогласени денешниот ден, утре и задутре, односно од 23 ноември заклучно со 25 ноември (вторник, среда и четврток), а за време на деновите на жалост знамето на Република Северна Македонија, како и на дипломатските претставништва на земјата во странство, ќе биде истакнато на половина копје. Се одлагаат сите јавни настани, а медиумите треба да ги прилагодат своите содржини соодветно на прогласената тридневна жалост“ - стои во официјалното соопштение.
Неверување и длабока тага ја обзеде јавноста по распространувањето на веста за ужасната несреќа што се случи рано утринава на автопатот „Струма“ во Бугарија, кога се запали автобус на „Беса транс“ којшто од Истанбул се враќаше во Скопје.
Според бугарските медиуми, од загинатите, 11 се деца, а најмладите биле на 4-годишна возраст. Седумте патници кои преживеаја се префрлени во болницата „Пирогов“.
Отворена е телефонската линија 075 272-732 за информации за семејствата на загинатите патници.