Камала Харис самоуверено позираше за февруарското издание на „Вог“.
На насловната страница, првата потпретседателка во историјата на САД носи црно сако, црни панталони, бела блуза и старки додека стои пред свилена розова завеса. Патиките Converse се карактеристични за стилот на 56-годишната политичарка.
Но, фотографијата која ја потпишува Тајлер Мичел наиде на жестоки критики откако беше објавена на Twitter. Во речиси сите коментари се критикува модната библија за изборот на позадина и за стајлингот кој бил „непочитување“ на потпретседателката.
Подоцна, „Вог“ објави нова дигитална насловна страница, на која Харис позира во син костум од Мајкл Корс пред златна позадина. Според некои информации, од кабинетот на Харис очекувале оваа фотографија да се најде и на насловната страница на печатеното издание на списанието.
„Вог“ објави и фотографии од животот на Харис.
Инаугурацијата на претседателот на САД Џо Бајден и на потпретседателката Камала Харис ќе биде на 20 јануари.