Елизабета Ѓоргиевска постојано се залага за подобрување на здравствените услови во болниците во нашата држава.
48-годишната сопруга на претседателот Стево Пендаровски пред два дена присуствуваше на настан на којшто беа донирани инкубатори за предвремено родени и болни бебиња на Универзитетската клиника за Детски болести во Скопје.
Македонската прва дама истакна дека ѝ е голема чест што заедно со Црвениот крст е дел од кампањата за подобрување на условите во Одделот за неонатологија во оваа клиника.
За оваа прилика, Елизабета избра црно-бел стајлинг којшто вклучуваше елегантно бело палто.
„Состојбата во која се наоѓаат предвремено родените и болни бебиња е специфична и бара високософистициран третман и нега во единицата за неонатална интензивна нега. Ми беше чест што заедно со Црвениот крст бев дел од кампањата за подобрување на условите во Одделот за неонатологија при Клиниката за детски болести при УКЦ 'Мајка Тереза', преку набавка на инкубатори. Би сакала да изразам благодарност до сите граѓани и општествено-одговорни компании, кои и во овие тешки моменти на пандемија се вклучија во оваа акција“ – вели Ѓоргиевска.