Голем е бројот на парови ширум светот кои имаат изгубено бебе пред да успеат за првпат да го земат во прегратка.
Нов Зеланд стана една од првите земји кои вовеле тридневно платено отсуство од работа за жените кои доживеале спонтан абортус и нивните партнери, како и за родителите кои имале мртвороденче.
„Тагата која доаѓа по спонтаниот абортус не е болест. Тоа е загуба. Таа загуба бара време за заздравување физички, заздравување ментално и заздравување со партнерот’ – изјавила пратеничката Џини Андерсон, која го предложи законот.
Законот се однесува и за парови кои планираат да имаат дете преку сурогат-мајка или посвојување.
„Се надевам дека иако сме една од првите држави, нема да бидеме последна и дека други земји ќе започнат да носат закони за сочувствувтелен и фер систем за работно отсуство, кој ги препознава болката и тагата кои доаѓаат од спонтан абортус или мртвороденче“ – додала Андерсон.
Според Mayo Clinic, една од пет бремености може да заврши со спонтан абортус. Многу жени се чувствуваат засрамено поради тоа и се изолираат, не можејќи да го споделат ова трагично искуство со блиските.
„Се надевам дека овој нацрт-закон ќе им овозможи на жените да се чувствуваат поудобно да зборуваат за спонтан абортус и дека ќе посегнат по помош и поддршка во оваа физичка и емоционална загуба“ – изјавила Андерсон.