Нов стратешки партнер на СОС Детско село е „Макпетрол“. Соработката отпочна во април, а компанијата стана кум на куќата што ќе го носи името „Верна“ и во која живеат пет деца и нивните згрижувачки родители. Симболично, надоврзувајќи се на традицијата според која што кумството подразбира запознавање со семејството, претставници на „Макпетрол“ денес во СОС Детско село одржаа средба со децата и со згрижувачите.
„На нашите простори кумството најчесто се поврзува со традицијата. Во денешната модерна технолошка ера тоа се толкува на најразлични начини, но веројатно сите би се согласиле кога ќе кажеме дека кумството значи поткрепа, поттик, односно да се стои рамо до рамо со тие што Ве избрале за таа улога. Извонредно е што СОС Детско село дава шанса да се воспостави ваков тип кумство, односно да се отпочне нова традиција. За нас како компанија, но и за сите вработени во „Макпетрол“ тоа претставува огромна чест, како и тоа што го сметаме за уште поважно, одговорност“ - велат од компанијата.
„Макпетрол“ во текот на оваа година ќе донира средства со кои ќе ја обезбеди потребната финансиска поддршка на згрижувачкото семејство. За растот и развојот на петте деца, кои што се на возраст од три до 13 години се грижи брачна двојка со 13-годишно згрижувачко искуство.
„СОС Детско село во моментов се грижи и дава поддршка на повеќе од 330 деца и млади кои се без родители и родителска грижа или се во ризик да ги изгубат своите родители. Непречената континуирана грижа за оваа ранлива група функционира со помош на донации од индивидуалци, компании, институции и на разни форми на партнерства. Благодарни сме за ова стратешко партнерство со една од најголемите и најуспешни македонски компании „Макпетрол“, бидејќи ваков тип на соработка е од голема важност и ни помага во обезбедување одржливост на нашата работа и овозможува втора шанса за безгрижно детство на многу дечиња!“ - изјави Силвија Брајовиќ од „СОС Детско село“
Ова партнерство на „Макпетрол“ и СОС Детско село е дел од платформата за општествена одговорност на компанијата, „Движиме заедно“.
„Соработката со СОС Детско село е иницирана преку нашите вработени. За нас ова е пракса, односно многу идеи за донации и за општествено одговорни активности доаѓаат токму од луѓето што работат на најразлични позиции во компанијата. Одлично е што заедно со нив ќе имаме можност да ѝ помогнеме на оваа прекрасна организација. Поконкретно, нè исполнува тоа што на овие пет дечиња и нивните широкогради згрижувачи ќе им ја обезбедиме потребната поддршка. „Движиме заедно“ за топол дом, љубов и грижа за секое дете!“ - истакнуваат од „Макпетрол“.
Промотивна објава