Амра Исмани беше длабоко трогната од смртта на младата Фросина Кулакова. Овој несреќен случај ѝ ги отвори повторно раните предизвикани од смртта на нејзиниот брат Амар, кој исто така бил жртва на несовесен возач.
Талентираната дизајнерка истакна дека лицето кое го уби нејзиниот брат сега се шета слободно, без да добие соодветна казна за згаснувањето на животот на Амар.
Пред неколку дена ја добив тажната вест за уште еден прерано згаснат живот во Скопје. Фросина ја познавав лично – колешка, студентка по моден дизајн, младо, амбициозно девојче чие позитивно присуство се одразуваше и во нејзините креации. Искрено сочуство до нејзиното семејство!
Ова е убиство, не несреќа – добро позната болка за мене и моето семејство. Точно пред осум месеци, слично како и Фросина, брат ми Амар излезе од дома, во неговата секојдневна рутина. Една недела по неговата веридба, во 23 часот и 26 минути, беше убиен. Инспекторите велат дека неговата смрт е „колатерална штета“ – се нашол на погрешно место, во погрешно време. А тоа „погрешно место“ беше само неколку чекори од вратата на нашиот дом, каде што се најдовме и ние, неговото семејство, само неколку минути подоцна, кога започна најголемата болка што сме ја доживеале и која доживотно ќе нè следи.
Слично како и на Фросина, бесправедно му беше одземен животот на Амар. Амар, исто како Фросина, без никаква причина, беше убиен од монструм создаден од системот. Непознат монструм, кој сè уште слободно се шета некаде низ градов или низ светот. Монструм создаден во ’идеалните’ околности: место каде што преовладува селективната правда и колективната апатија.
Милениците на системот ни ги убиваат децата! Уште колку животи треба да згаснат за да се засити гладта на државата која е претворена во Сатурн кој ги јаде своите деца?
И Фросина, како и Амра, чекореше во светот на модата и имаше желба во иднина да стане успешна дизајнерка. Но, за жал, нејзините соништа никогаш нема да се остварат.
Фросина беше прегазена на пешачки премин од 20-годишно момче под дејство на алкохол, без возачка дозвола, кое помина на црвено светло.