Почетна » Новости » Актуелно » Интервју со Снежана Стојановска, технолог во Цермат: „Производството на сладолед е нашата вкусна уметност!“

Интервју со Снежана Стојановска, технолог во Цермат: „Производството на сладолед е нашата вкусна уметност!“

Снежана Стојановска

1. Може ли да ни раскажете како започна и како се развиваше процесот на производство на сладолед во Цермат?

Почетоците на Цермат во Битола датираат од 1995 година, кога е основана како мала приватна компанија за производство и трговија на сладолед. На почетокот во компанијата бевме само петмина вработени со голема желба и визија за уметноста наречена производство на сладолед. Минималните производствени капацитети во тоа време беа сосема доволни за почеток на една убава приказна.

Како резултат на постојаната желба за напредок и подобрување на понудата на производи, заедно со колегите што ни се приклучуваа, компанијата се развиваше со текот на годините постојано вложувајќи во нови технологии и процеси на работа.

Во 2005 година преминавме во комплетно нов модернизиран објект изграден според највисоки стандарди во согласност со барањата на Европската Унија за производство на сладолед. Истата година се инсталираа и започнаа со работа нови технолошко современи машини со кои се унапреди производствениот капацитет.

Потоа, во 2018 година изградивме нов објект во кругот на фабриката што служи како ладилник за складирање на финалниот производ. Овој објект има капацитет од приближно 6 500 палетни места и е опремен со софистициран систем за следење и за алокација на производите (WMS).

Денес, како технолог, среќна сум што може да се пофалиме со современ производствен капацитет што работи според сите меѓународни стандарди за производство на храна тука, во Македонија.

2. Една од главните определби на Цермат е поставување стандарди во производството со врвен квалитет. Каква технологија користите со цел да се постигне и да се одржи овој квалитет?

Цермат е синоним за висококвалитетни и здрави производи наменети за потрошувачите. Континуираниот развој на квалитетот на производите е една од нашите главни водилки уште од самиот почеток. Задоволството на потрошувачите и нивната благосостојба се во нашиот фокус и затоа преку систематизација на работата ги воведовме највисоките интернационални стандарди за безбедност на храна. Високото ниво на квалитет во производството го одржуваме со постојани ревизии на системот, со одговорноста и со задоволството на вработените вклучени во него.

Она што сметам дека е клучно за постојаноста на квалитетот е придржувањето кон оригиналните рецепти што содржат висококвалитетни суровини. Во комбинација со современата технологија, тоа ни овозможува да имаме врвни финални производи. Покрај редовната контрола на производството од страна на државните служби за инспекција и од надворешните акредитирани лаборатории, во Цермат функционира и системот за интерна контрола.

Овој систем овозможува ревизија на ефикасноста и усовршување на процесите за постојано унапредување.

3. Според вашето мислење, колку е важен човечкиот удел во производството на сладолед?

Како технолог, кој работи со тим составен од колеги што се врвни професионалци, сметам дека човечкиот удел е една од клучните алки во производството на квалитетен сладолед. Ова важи и за останатите вработени што не се вклучени директно во процесот на производство. Затоа, во рамките на нашата компанија постојат програми за развој и едукација на сите вработени. Овие програми им овозможуваат да учествуваат во разновидни процеси со цел нивен личен и професионален развој. Преку системот што го имаме воспоставено интерно се стремиме на сите вработени да им овозможиме ефективен трансфер на информации и знаење, запознавање со различните обврски на нивните колеги и со строгите правила за работа при производството на храна. Сметам дека сето ова директно и индиректно има удел во производството на квалитетен сладолед.

4. Кој е производствениот капацитет на Цермат? Колкаво е најголемото количество сладолед што е произведено во еден ден?

Како резултат на континуираното инвестирање во производствениот процес, Цермат бележи тенденција на постојано зголемување на производството. Моменталниот производствен капацитет на Цермат е 12 000 000 литри готов производ на годишно ниво, а максимално произведеното количество готов производ во еден ден изнесува 35 000 литри сладолед. Во просек, гледано според произведени готови парчиња сладолед, ние можеме да произведеме дури 500 000 сладоледи на ден.

Снежана Стојановска

5. Цермат е единствениот извозник на сладолед во земјава. Кои меѓународни стандарди ги задоволува компанијата за да може да извезува во земјите членки на ЕУ?

Изминатата година реализиравме извоз од 6,3 милиони парчиња сладолед, а тоа е истовремено најголемото количество сладолед извезено од државава. Клучни за успешниот извоз се квалитетот и безбедноста на производите, кои се потврдуваат со имплементацијата на меѓународните стандарди за квалитет и безбедност на храна. Сите компании и земји во кои извезуваме имаат цврсти и ригорозни стандарди што бескомпромисно се воведени во нашето производство.

Континуирано, квалитетот на производите на Цермат се обезбедува со примена на меѓународните стандарди за квалитет и безбедност на храна.

Како една од првите компании за производство на храна во Македонија, извршивме имплементација и сертификација со стандардот IFS Food (International Featured Standard – Food) со стандардот и BRC Food (British Retail Consortium) во 2010 година, односно во 2011 година. IFS и BRC претставуваат приватни стандарди за контрола и безбедност на брендираните прехранбени производи на сите трговци од земјите членки на Европската Унија, Англија и на останатите земји од светот.

Во составот на овие стандарди, Цермат има имплементиран и сертифициран HACCP-систем, усогласен со принципите и препораките на Codex Alimentarius Commission и на Светската здравствена организација.

6. Од идеја до финален производ: колку време е потребно за реализација на нова иновација, т.е. производ во Цермат?

Постојано работиме на развојот на нови производи и на подобрувањето на процесите, а тоа може да се види од ширината на асортиманот на производите што ги нудиме. Потребата за постојано воведување нови производи е со цел да се задоволат барањата како на пазарот, така и на потрошувачите, кои секогаш знаат да препознаат кога нешто е ново, квалитетно и ги задоволува нивните потреби на најдобриот начин.

Од првичната идеја до реализацијата, во зависност од природата на производот и неговата комплексност, минуваме низ неколку фази. Овие фази може да траат од шест месеци до една година. Најдолгата фаза во развојот на нов производ опфаќа анализа на пазарот во која се согледуваат и можностите за техничка реализација. Во неа се калкулираат сите приспособувања, инвестиции, лабораториски тестирања, дефинирање на нутритивните вредности итн. Потоа следуваат останатите фази на развој, како што се дизајнот на производот и сите придружни елементи, сè до финалната фаза во која правиме тест-лансирање на производот. Би истакнала дека процесот на развој на еден сладолед е исклучително интересен, а кога ќе го добиеме финалниот производ, навистина се чувствуваме како да сме создале уметничко дело.

Снежана Стојановска

7. Кои се најголемите предизвици при производството на сладолед?

Предизвиците се фундаментално секојдневие кога се работи во производството на сладолед. Тие се, на некој начин, и двигателот на целокупниот континуиран развој и пласман на нашите производи.

Конкретно, во производството, предизвиците започнуваат со доброто и навремено планирање на процесите. Од набавката на квалитетни суровини до планот за производство и реализација согласно роковите. Оптимизацијата на тимот вработени за најголема ефикасност и одржувањето на тимскиот дух се секогаш предизвик кога се работи според строго утврдени стандарди и рокови. Затоа, предизвиците ги прифаќаме како дел од нашето секојдневие и кон нив пристапуваме со позитивна енергија. Тоа може да се увиди во постојаниот пораст на бројот на вработени во Цермат, како и од реализацијата на произведени количества.

8. Кои се идните планови за производство на нови возбудливи вкусови и линии на сладоледи на Цермат?

За македонскиот пазар, под брендот Цермат, годинава како нови вкусови ги имаме корнетите Metropoli Gold Cono Madagaskar и Metropoli Gold Cono Brussels, додека, пак, во текот на европското првенство во фудбал, вистински хит беше сладоледот „Фудбалско топче“.

Новите вкусови и производи се постојано во развојна процедура. Огромна улога во тоа имаат нашите потрошувачи, но и нашите странски партнери со кои соработуваме. Бидејќи нашиот извоз се одвива на различни пазари, следствено на тоа, варираат и вкусовите на нашите производи. Во моментов, како новина што веќе се реализира се новите сладоледи наменети за австралискиот пазар. Нови производи константно се воведуваат за нашите клиенти од Велика Британија и за останатите пазари каде што извезуваме.

Снежана Стојановска

9. Како би ја опишале приказната на Цермат во само неколку збора?

Приказната би ја опишала како возбудлива и вкусна. Производството на сладолед го третираме како слатка уметност што носи среќа и задоволство на сите сетила.

10. За крај, кој е вашиот омилен сладолед што го произведува Цермат?

Секој производ си има свои предности и тешко може да се издвои еден, особено во ситуација кога сте директен учесник во неговиот развој и неговото производство.

Кога би требало да издвојам еден омилен, тоа би бил Metropoli Los Angeles – сладолед со пријатен вкус на ванила, збогатен со млечно чоколадо и парчиња бадеми. Во последно време сакам да уживам и во новиот корнет Metropoli Gold Brussels – сладолед достапен со два вкуса на колачиња и чоколадо, полн со крем од какао и декориран со млечно чоколадо. Сигурна сум дека во следните години, со развојот на производството, ќе имам и нови омилени сладоледи од Цермат.

Се радувам на секој нов сладолед и вкус што ќе се пласира од нашата фабрика, која овозможува задоволство и среќа. Знам дека потрошувачите го препознаваат тоа, а сето тоа нам ни дава мотив да продолжиме да ја градиме нашата вкусна приказна наречена производство на сладолед.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 19675 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.