Како што се приближуваме кон прогнозираниот пик, бројот на позитивни лица на КОВИД-19 во нашата држава се зголемува. Во изминатото деноноќие има 107 нови заболени од новиот коронавирус.
Најмногу од нив се од Куманово (44), меѓу кои и е градоначалникот Максим Димитриевски.
Потоа следуваат Скопје (28), Прилеп (11), Битола (6), Тетово (5), Дебар (2), Велес (4), Гостивар(2), Штип (1), Струга (1), Кавадарци (1), Кочани (1) и Кичево (1).
Со ова вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со Ковид-19 во нашата земја изнесува 1.081.
Од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби се испишани 5 оздравени пациенти, а денеска се регистрирани и 18 оздравени пациенти кои се лекуваа во домашни услови, а кои по два контролни теста се негативни на коронавирусот. На Клиниката почина пациент од Струшко на возраст од 50 години кој беше хоспитализиран на 27 март, а само еден ден подоцна заради влошување на состојбата поставен на механичка вентилација.
Во изминатото деноноќие направени се 660 теста. Преку ИЈЗ – 468 , преку Ветеринарен ф-тет – 21, Авицена – 22 , Биотек – 23 и Филип Втори (Жан Митрев) – 126. Досега во земјата се направени вкупно 10.422 тестирања на КОВИД-19.
На Инфективната клиника во Скопје примени се 11 нови пациенти, а во моментов се хоспитализирани 62 пациенти. 18 пациенти се со потешка клиничка слика и на кислородна поддршка, а 5 пациенти се на механичка вентилација.
Во ГОБ „8 септември“ примени се 11 нови пациенти и во моментов во оваа болница се лекуваат 38 пациенти со КОВИД-19. Во потешка состојба се 8 пациенти, а на респираторна машина 6.
Во Битола се хоспитализирани вкупно 8 пациенти од кои 2 се повремено на кислородна поддршка, а на домашно лекување се следат уште 8 пациенти.
Во болницата во Штип се лекуваат 8 пациенти, а се следат уште 18 во домашни услови.
Од денес, премиерот Оливер Спасовски, вицепремиерот Бујар Османи, министерот за здравство Венко Филипче, министерот за образование Арбер Адеми и државниот секретар во министерството за здравство Владимир Милошев се во домашна изолација откако присуствуваа на состанок на кризниот штаб на Куманово заедно со градоначалникот Димитриевски.