Предупредување: За некои лица фотографиите може да бидат вознемирувачки.
Во многу ретки случаи, бебето може да се роди во амнионската обвивка во која растело во утробата на мајката, а токму тоа се случи на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство – Скопје.
Малото девојче пристигна на свет во непукната обвивка, за што известија од Клиниката и споделија фотографии.
На Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство – Скопје, денеска беше родено женско бебе-близнак заедно со амнионска обвивка.
Родилката беше со близначка бременост, а бебињата се родени во 34-та гестациска недела. Станува збор за двојајчана близначка бременост, што значи дека двете бебиња имаа засебни амнионски обвивки и засебни постелки, а породувањето беше извршено со царски рез.
Породувањето го изврши примариус д-р супспецијалист Адела Стефанија и бебињата се преземени од педијатар супспецијалист Рената Димитриеска. Тие се наоѓаат на ОИНТ и се во добра состојба.
Машкото бебе има 2.210 грама родилна тежина и се роди со апгар 8/9, а женското бебе, кое беше извадено со амнионската обвивка, е тешко 2.150 грама и е со апгар 7/8.