Јован Костадинов заслужено ќе добие бенефиции од „Алкалоид“.
Општествено одговорната компанија секој месец ќе му исплаќа по 18.000 денари стипендија на 19-годишното момче, кое херојски си го ризикуваше животот за да спаси 21 дете во пожарот во дискотеката „Пулс“.


Средношколецот од Виница, кој оваа година ќе биде матурант, ќе ја добива оваа стипендија во текот на следните 4 години.
„Бев информиран дека ќе биде доделена стипендија за Јован Костадинов, како знак на признание за неговата храброст и човечност. Алкалоид, како општествено одговорна компанија ја презеде оваа иницијатива и на тој начин покажа дека ги препознава и вреднува ваквите светли примери“ – напиша премиерот Христијан Мицкоски по срдбата со Јован.

Од „Алкалоид“ соопштија и дека компанијата ќе донира 15 милиони денари во Фондот на солидарност на Црвениот Крст наменет за поддршка на настраданите при пожарот во Кочани.

„Со изрази на висока почит кон покажаната хуманост на македонските државјани од земјава и од странство, како и кон сите пријателски и добронамерни гестови од поединци и организации во земјава и ширум светот, ‘Алкалоид’ се приклучува кон масовната акција за помош на настраданите во трагичниот пожар во Кочани.“
„Преку нашиот долгогодишен партнер, Црвениот Крст на РСМ, компанијата одлучи да донира 15 милиони денари за поддршка на настраданите граѓани и нивните семејства засегнати од стравичната трагедија во Кочани. ‘Алкалоид’ АД Скопје упатува благодарност до оваа организација и до секој еден од нивните 165 ангажирани волонтери, кои безрезервно помагаа во бројни ситуации. Во оваа прилика, би сакале да искажеме посебна благодарност и до сите здравствени системи и здравствени професионалци во земјава, во регионот и низ Европа, кои несебично ги ставија на располагање своите ресурси и знаења во клучните моменти од животоспасувачката мисија“ – стои во нивното соопштение.