Почетна » Колумни » Сензорни авантури » (Не)Мајчинство: Себичност или не?

(Не)Мајчинство: Себичност или не?

Една од темите кои се непрекинат извор на дискусии, но на жалост и инспирација за „креативни“ епитети помеѓу луѓето, посебно жените, е токму ова. Одлуката дали се биде родител, мајка, или не.

Да бидам искрена се двоумев дали воопшто да пишувам на оваа тема. 21. век, а сè уште се дискутира за туѓите одлуки на една толку сензитивна тема, за други луѓе кои ќе живеат со оваа одлука. Одлуки кои немаат апсолутно никакво влијание на нашите животи.

Често сум била сведок на моментот кога една индивидуа, жена, ќе ја сподели својата одлука дека не сака да биде мајка и истата станува мета на напади од страна на другите жени кои се веќе мајки.

Да не ги заборавиме и убедувањата, оти нели, за нејзино добро се, па како „добронамерни“ се сервираат секој ден.

Жена

Не биди себична.

Ќе се предомислиш, ама ќе биде доцна.

Нема да те сака мажот, ќе те остави.

Никој нема да те земе.

Ќе нема кој вода да ти даде кога ќе остариш.

Како можеш тоа да им го направиш на мајка ти и татко ти.

Не биди црна овца во фамилијата.

Мислам дека наведениве примери се доволни, иако се само мал дел од сè што јас имам прочитано и слушнато.

Често се запрашувам за оваа потреба да им кажуваме на другите што е најдобро за нив и како да го живеат нивниот живот и сето тоа бидејќи сметаме дека треба да ги имаат истите чувства, потреби и размислувања како нашите. Дека само нашето е правилно и дека останатите треба да живеат по иста шема.

Да нагласам дека станува одлука со која ќе живее индивидуата, ја донесува по сопствена волја и не нанесува штета никому.

Мислам дека е потребна огромна искреност, длабока анализа на себеси и цврст карактер за да се дојде до еден ваков заклучок и да не се дозволи да се живее по туѓи правила.

Личности кои не се мајки и донеле одлука дека никогаш нема да бидат мајки многу подобро ја сфатиле суштината на мајчинството од многумина кои веќе се родители. Сфатиле дека детето не е трофеј, детето не е „предмет“ за манипулација или угодување на околината, дека детето не е „средство“ за постигнување на некои наши цели.

Од една страна, детето е живо битие кое најпрво треба и мора да се посака, а од друга, жената има право да одлучува за своето тело и да донесува ваков вид на одлука без да ѝ се наметнува некаква грижа на совест или да биде мета на осуди.

И не, немањето на сопствено дете не значи дека не се способни да ги сакаат децата, дека не се нивни најдобри тетки, куми и пријатели. Исто како и имањето на дете што не значи дека е родено или изгледано со љубов.

Зошто оваа одлука би се ставала на некаков кантар со себичноста?

Зарем секоја која е мајка автоматски е несебична?

Себично е доколку родиш дете кое не е сакано и е некаков обид за да се задржи партнерот, да се задоволат родителите или свекорот и свекрвата, од страв да не се стане мета на осуди итн. Да се донесе на свет едно дете кое не е вистински сакано, туку причина за тоа било исполнување на нечија желба е апсолутно погрешно. И да, себично е да родиш само за да оставиш нешто зад себе, како што често милуваат да кажат, или поради некакви очекувања да те догледува, вода да ти носи и сл.

Секој пат кога ќе се праша една жена кога ќе има деца, кога ќе има второ или пак она фамозното, ај па третото да е машко… сте се запрашале ли зошто побогу мислите дека она воопшто сака деца, или пак второ или дека го дели истото размислување како вашето дека машкото дете е на било каков начин повредно од женското дете и би родила уште едно САМО за да е машко?

Не велам дека нема такви луѓе со такви размислувања, поставувањето на прашањата е доказ дека постојат. Но запрашајте се што ако оној кому му го поставувате прашањето не го дели истото мислење?

Ајде да погледнеме од друга перспектива.

Колку од тие што покажуваат со прст или се први да фрлаат камења се оние кои го игнорираат сопственото дете и неговиот повик за игра додека типкаат на телефонот и вас ви објаснуваат колку лоша личност сте, колку од нив се водат по мотото мама знае сè (ех, камоли да знаев), па игнорираат континуирано препораки на светските здравствени организации во однос на храна, поминување време пред екран и сл. Колку од нив потајно се нашле во некоја од споменатите подкатегории и од чисто себични причини самите станале родители...

Затоа, доколку некоја од вас, некогаш, од некого, е нападната поради сопствената одлука, сеедно дали е привремена или долгорочна, не дозволувајте да ве повредат или да ви влијаат. Жената не се мери и цени по тоа дали родила или не.

Иако сум мајка на три деца во ниту еден момент не сум помислила дека една жена која одлучила да нема деца е себична или уште некој од епитетите кои често сум ги читала низ социјалниве мрежи.

Мојата одлука е правилна и вистинска за мене, бидејќи се водам според сопствените чувства и сопствените размислувања според кои живеам јас.

Зошто воопшто да помислам дека секој мора и треба да се чувствува и да живее како јас?

Автор: Oursensoryfamily
Мајка на три мали девојки и водич на едно незаборавно детско патување низ светот на сензориката. Секојдневие исполнето со неуморно истражување на природата и негување на љубовта кон животните, практикување на најразлични екперименти и DIY проекти, многу игри и забава.
Во постојана потрага по балансот во животот.
Длабоко верува дека со работа, труд, упорност и трпение можни се и чуда.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20778 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.