Почетна » Колумни » Сензорни авантури » КОЛУМНА: Концентрацијата кај децата – како подобро да ја разберете и да ја зголемите?

КОЛУМНА: Концентрацијата кај децата – како подобро да ја разберете и да ја зголемите?

Концентрацијата е одлучувачка способност за продуктивностa да биде задржана на исто ниво еден подолг временски период, притоа вниманието да е насочено кон една задача, звук, музичко дело, разговор, слика итн.

Во секојдневниот говор, често се поистоветуваат поимите Концентрација и Внимание. Пред една информација воопшто да биде преработена, потребно е истата да биде примена. Преку сетилата за вид, слух, мирис и вкус, секојдневно се примаат голем број на информации кои е потребно да бидат селектирани според важност. За селектирањето на овие информации, потребно е вниманието.

Концентрацијата е способност целосното внимание да биде насочено во еден правец. Истото е успешно доколку се намалат влијанијата од околината.

Бројот на децата кои воопшто не можат да се концентрираат е навистина мал. Најчесто, кога ги набљудуваме, можеме да забележиме дека во определени ситуации можат прилично добро и долго да ја задржат концентрацијата, како во играњето, на пример. Во други ситуации, кога треба да учат, може да забележиме дека концентрацијата е ограничена.

Деца

Дали може моето дете да се концентрира?

Ова е едно од често поставуваните прашања, посебно во претшколска возраст.

Доколку сакате да добиете одговор на ова прашање, набљудувајте го детето во различни ситуации, како на пример во слободна игра, слушање приказни, читање книга, пишување домашно итн.

Доколку буквално во ниту една ситуација не успева да го задржи вниманието во оние рамки предвидени за возраста, тогаш можеби станува збор за нарушена концентрација и би можело да се побара мислење од стручно лице.

Концентрацијата не е особина која е секогаш присутна. Концентрацијата е способност која зависи од ситуацијата и околностите.

Од што зависи концентрацијата?

  • Зададената задача. Дали му е интересна или можеби досадна.
  • Моменталното расположение. Дали има грижи, стравови, тага, бес.
  • Сопствените способности. Дали успева детето да ја совлада задачата или можеби има големи потешкотии кои му предизвикуваат нелагодност.
  • Околината. Дали има во околината различни фактори кои му го одвлекуваат вниманието (ТВ, преголема понуда на играчки, странични звуци).

Всушност, постојат три фактори кои придонесуваат за губење на вниманието.

  1. Визуелни (телевизорот, играчките кои се во видно поле...)
  2. Акустични (вклученото радио, ѕвонењето на телефонот, звуците од улица, играта на браќата или сестрите…)
  3. Внатрешни (стравови, стрес, караница со родителите, проблеми …)

На возраст од 5+ години потребно е да се задржи вниманието околу 15 минути. Способноста детето да се концентрира се тренира и истата расте со зголемување на возраста на детето. Во претшколската возраст, концентрацијата е зголемена на приближно 20 минути.

Колку долго може едно дете да се занимава со една игра или задача драстично се разликува од игра до игра, но и од дете до дете. Додека едно дете може да помине еден час редејќи лего или боејќи, друго дете има тешкотии да го задржи вниманието после само 5-10мин.

Во оваа претшколска возраст, од големо значење е детето да успее да доврши до крај една игра или задача.

Способноста да се концентрира е еден од клучните предуслови за успех и во училиштето.

Способноста да се задржи вниманието не доаѓа со самото раѓање. Истата се стекнува и се учи во процесот низ игра и учење во училиште.

Совети

  • Проветрувајте ги доволно просториите, особено пред детето да започне да пишува домашна задача или да извршува некаков вид на активност.
  • Имајте при рака вода, во случај да ожедне додека ги обавува задачите, за да бидете сигурни дека внесува доволно течности.
  • Практикувајте здрава и балансирана исхрана.
  • Измеѓу задачите, сосема е во ред мала пауза, детето да стане, да се истегне.
  • Долг сон.
  • Прошетки во природа и редовна физичка активност.
  • Јога.

Како да ја зголемам концентрацијата кај моето дете?

Кажете му на детето еден број и наредното утро побарајте да го повтори истиот. Доколку одговорило правилно, додајте уште еден. Наредниот ден е потребно да ги каже и двата броја. Истата игра може да се игра сè додека детето без грешка ги кажува броевите кои ги запомнило.

Поставете еден краток временски рок во кој детето треба да седи мирно. Секојдневно зголемувајте го овој временски интервал.

Прочитајте мал извадок од книга. Детето треба внимателно да слуша и да изброи колку пати бил изговорен еден збор кој претходно сте го одредиле заедно.

Земете неколку топчиња/фигури во различни бои, од секое по две. Едните за себе, другите за детето. На пример: црвени, жолти, сини, розови и зелени пом-пом топчиња. Ставете ги во еден ред. Детето има 10 секунди да види во кој редослед сте ги ставиле и потоа покријте ги со крпа. Детето е потребно да ги нареди по истиот редослед. Соодветно на возраста и нивото на концентрација можете да користите повеќе или помалку топчиња или подолг/пократок рок да набљудува пред да се обиде да ги постави своите топчиња.

Седнете еден спроти друг на маса со дланките ставени на масата. Секое движење со рацете кое вие ќе го направите потребно е детето да го повтори. Притоа е потребно целосно да се концентрира и внимателно да ги следи, не само движењата на вашите дланки, туку и внимателно да слуша колку пати сте плеснале со рацете или тропнале на масата пред да се обиде да ги повтори движењата.

Деца

Како да ја зголемам мотивацијата кај моето дете?

Наместо критика и притисок поради неуспешно завршената задача, пофалете го за вложениот труд.

Можете да ја поттикнете мотивацијата кај детето, нудејќи му право на избор со која задача сака да започне, избор на прибор кој би го користел и сл.

Користење на различни методи во учењето. Може да се вклучи прошетка во природа или музеј како дополнување на материјалот од книгите.

Автор: Oursensoryfamily
Мајка на три мали девојки и водич на едно незаборавно детско патување низ светот на сензориката. Секојдневие исполнето со неуморно истражување на природата и негување на љубовта кон животните, практикување на најразлични екперименти и DIY проекти, многу игри и забава.
Во постојана потрага по балансот во животот.
Длабоко верува дека со работа, труд, упорност и трпение можни се и чуда.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20096 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.