Дали некогаш сте биле во ситуација кога вашето мало дете доаѓа со сопствениот цртеж и ве прашува дали ви се допаѓа истиот?
Целосно возбудено, очекува да препознаете што нацртало, а вие гледате само некои линии и форми преку кои тешко можете да ја препознаете неговата замисла.
Секако дека ќе го пофалите за трудот неговото мало уметничко дело, но дали сте се запрашале што се крие позади тој детски цртеж?
Развојот на цртањето кај децата минува низ неколку основни фази. Преку истиот може да дознаеме многу не само за детскиот развој од аспект на фината моторика, туку и од социо-емоционален и когнитивен аспект.
Најраната фаза во развитокот на цртањето се нарекува и фаза на оставање трага. Започнува некаде после осмиот месец и трае и до 1.5 год. Во оваа фаза, децата често користат различни материи и ги повторуваат истите движења, обидувајќи се нивното ремек-дело да е јасно видливо. Карактеристично е и користење на двете раце и движењата се насочени од рамењата.
Пример за истото би било и боењето со рачињата исшлакани со чоколадниот пудинг врз масата.
Во оваа фаза, посебно се препорачува боењето со боја за раце, односно директно со прстињата и дланките.
Во вториот дел од оваа фаза, за прв пат ги гледаат своите родители, или возрасните лица во својата околина, со молив и хартија и започнуваат со обидите да ги имитираат движењата.
Не ги карајте поради нередот и „шлакутниците“ кои настанале. Ова е нормална фаза од детскиот развиток.
Фазата на шкртање започнува некаде околу првата година и трае и до третата. Карактеристично е што децата започнуваат да ја користат шаката за држење на приборот за пишување. Во оваа фаза, самата содржина на сликата нема толку големо значење туку самиот процес и начин на држење на моливот/боичката/четката.
Детето започнува со шкртаниците најчесто во средината на листот и ја движи цела подлактица при процесот на цртање. Линиите немаат конкретна шема, се во сите насоки, прекинуваат и повторно започнуваат. Настануваат различни спирали, кругови, линии кои не се рамномерни. Наредната форма, крстот, настанува околу третата година, кога детето има контролирани вертикални и хоризонтални линии.
Помеѓу 1.5г и 2г се јавува „ЈАС“ „МОЕ“, па истото се рефлектира и преку самите цртежи со потенцирање на самите линии или повторување на истите движења.
По осознавање на самите себе, како личност, и појавата на „ЈАС“, децата се гледаат како центар на светот и истото може да го забележиме преку една едноставна точка во центарот на кругот. Ова е фазата и кога започнуваат тантрумите.
Првите знаци или цртежи кога детето излегува од овој круг и започнува да црта линии кои го покажуваат контактот со надворешниот свет се од страна на нас, возрасните, препознаени како сонце. Детето преку цртеж ни покажува дека е свесно за околината, за другите, и дека е подготвено да стапи во контакт со нив. Оваа фаза е околу третата година.
Детето станува свесно за околината. Кругот може да биде сонце, но може да биде и цвет, тркало или глава.
Користете ергономски прибор (спомнато во оваа колумна) за да му олесните на детето во оваа фаза.
Во фазата помеѓу 3.5 и 4 г децата започнуваат да цртаат луѓе. Ќе забележиме дека во оваа фаза често истите се без стомак или екстремитети.
Децата често добиваат совети од страна на возрасните што сè недостига за цртежите да бидат комплетни, притоа се занемарува една работа. Тој цртеж има посебно значење и е одраз на внатрешната претстава на детето за истото, а со овие совети се намалува оваа вредност.
Наместо да ги коригираме, да набљудуваме дали детето го збогатило својот цртеж со некој детаљ, дали употребило нова боја или нов начин на користење на истата. Да направиме споредба помеѓу цртежите од пред определен временски период и актуелните. Преку сликите ќе го забележиме не само креативниот, туку и когнитивниот развој на детето.
Прашајте го детето што има на цртежот, да ви раскаже нешто околу истиот и цртајте заедно. Советите и предлозите за подобрување без детето да создаде вистинска внатрешна перцепција за истите не се препорачуваат.
Од четвртата година започнува наредната фаза, кога децата веќе сами одлучуваат кои бои и форми ќе ги употребат и веќе се препознаваат објектите и фигурите на цртежите.
На крајот од оваа фаза, децата веќе ги организираат фигурите на своите цртежи и истите имаат некаква меѓусебна поврзаност и се поставува некаква сцена која често покрај луѓето содржи и куќи, дрва, небо, животни, коли, цвеќиња итн.
После петтата година цртежите од луѓето се со глава, лик, нозе и раце а од шестата, цртежите се дополнети и со детали како трепки, нокти итн.
Последната фаза е после осмата година. Цртежите се карактеризираат со многу детали.
Цртежите се детски писма
Децата имаат индивидуална перцепција која се разликува од онаа на останатите. Нивните цртежи не се реално отсликување на реалноста, туку лична претстава за истата. Од школската возраст станува оваа перцепција пореалистична.
Што ни кажува еден детски цртеж?
Како се перципира детето кога се слика себе на еден цртеж?
Дали се наоѓа на средина од цртежот или на некој ќош? Кои бои ги користи за себе, а кои за останатите на сликата? Во каков однос е со останатите лица и предмети кои се наоѓаат на сликата? Која големина ја има употребено за себе и за останатите од сликата?
Доколку е фамилијарен портрет, дали недостига некој член на семејството?
Постојат студии кои тврдат дека децата кои се чувствуваат удобно во својата фамилија и круг пријатели се цртаат на средина од цртежот, за разлика од срамежливите деца кои се цртаат во ќошот или позадина. Деца кои немаат пријатели и другарчиња се цртаат со некаков предмет, цвеќе и сл. за разлика од децата со пријатели кои ги сместуваат сите другарчиња во своите цртежи.
Деца кои се чувствуваат исплашено често цртаат без лик или се додаваат громови или друг вид на опасности на сликите.
Преку цртањето, децата добиваат шанса да ја развиваат својата креативност и фантазија, но и да ги изразуваат своите чувства и емоции.
Автор: Oursensoryfamily
Мајка на три мали девојки и водич на едно незаборавно детско патување низ светот на сензориката. Секојдневие исполнето со неуморно истражување на природата и негување на љубовта кон животните, практикување на најразлични екперименти и DIY проекти, многу игри и забава.
Во постојана потрага по балансот во животот.
Длабоко верува дека со работа, труд, упорност и трпение можни се и чуда.