Почетна » Колумни » Сензорни авантури » КОЛУМНА: Децата и медиумите

КОЛУМНА: Децата и медиумите

Живееме во ера кога медиумите се дел од нашето секојдневие. Неминовно се поставува прашањето какво влијание имаат медиумите врз нашите деца и дали се поставуваат некакви ограничувања во однос на содржината која се сервира на децата.

Посебно сега, во време на пандемија, кога еден дел кратко се принудени да го минуваат времето само во домот, без можност да се напушти истиот, кога може да настанат потешкотии или промена на воспоставените рутини и правила околу гледањето на ТВ.

Педагозите се едногласни околу ставот дека најмалите не треба да гледаат ТВ.

Тие сè уште не можат вистински да ги преработат и сфатат сите добиени информации, а потоа и впечатоците соодветно да ги сортираат. Најпрво, неопходно е со сите свои сетила да го доживеат и истражат вистинскиот свет околу себе.

Да го почувствуваат, да го вкусат, да го видат и да го помирисаат. Не треба да ги гледаат другите како собираат искуства и истражуваат, туку самите, активно, треба да го сторат истото. Најдобар начин да се стори тоа е надвор, во природа.

Дете

Во моментот кога мало дете ќе седне пред ТВ добива толку многу аудио-визуелни дразби и неговото мало мозоче се преоптоварува. Најпрво детето треба да знае како функционира вистинскиот свет, што е вистинско што не, а потоа, во контролирани количини и содржини, медиумите се корисни.

Ќе споделам една кратка табела која е општо прифатена од страна на педагозите во врска со времето кое треба децата да го минуваат пред екраните.

  • 0-3 години: Децата не треба ниту активно ниту пасивно да гледаат.
  • 3-6 години: Децата треба да гледаат максимум околу 30 минути.

Ставот на голем број педагози е дека колку е помало детето толку полесно може да потпадне под влијание на медиумите. Претераното консумирање на различна содржина, сеедно преку ТВ, таблет или мобилен, може да има штетно влијание врз развојот на детето во различни сфери. Неконтролираното консумирање, посебно во возраст помеѓу 2 до 4 години може да доведе и до дефицити во некои од сферите во развојот. Детето да се соочи со задоцнет говор, хиперактивност, агресивно однесување, проблеми со спиење или социјални потешкотии.

Дали претераното консумирање на медиуми придонесува за зголемена тежина и болежливост кај децата?

Гледањето на ТВ само по себе не е причина за зголемена тежина кај голем број деца, туку тоа е нездравата храна и шеќерите кои често се консумираат додека се следат истите. Да не заборавиме дека тоа се и навики кои често се негуваат во текот на целиот живот - да се седи пред ТВ и да се јадат чипсови или чоколади, од досада, додека се гледа ТВ.

Секако дека големо влијание има и фактот дека децата кои секој ден активно играат надвор се движат многу повеќе од оние кои денот го минуваат пред ТВ. Недостатокот на физичка активност може да има влијание на крупната моторика.

Придобивки

Секако дека користењето на јавните медиуми има и голем број на придобивки и за најмалите. Користењето и на разни едукативни платформи може да биде од корист. Детето може да дознае и научи за различни места и луѓе од целиот свет, да учи бои, бројки и форми. Преку соодветни серии да учи за љубезност, почит, широкоградост и решавање проблеми без насилство.

Да се запрашаме само колку време поминало едно мало дете пред таблет или телевизор, за првиот јазик на кој започнало да говори и кој активно го користи да не биде мајчиниот јазик кој активно се користи во фамилијата, туку англискиот, научен од детските цртани.

Ваквите случаеви одамна се излезени од границите на придобивки.

Совети

  • Бидете добар пример за своите деца.
  • Не се забрануваат медиумите кај деца над 3г, едноставно се контролира содржината и времетраењето.
  • Изберете едукативни содржини, апликации или цртани соодветни за возраста.
  • Воспоставете правила околу користењето на медиумите и должината.
  • Воспоставете правила за зони без медиуми, како што е на пример трпезариска маса при јадење, детска соба при пишување домашни и сл.
  • Зборувајте со вашето дете за неговите интереси, за тоа што видело, за тоа што го интересира, поставувајте прашања и поттикнете го говорот.

Автор: Oursensoryfamily
Мајка на три мали девојки и водич на едно незаборавно детско патување низ светот на сензориката. Секојдневие исполнето со неуморно истражување на природата и негување на љубовта кон животните, практикување на најразлични екперименти и DIY проекти, многу игри и забава.
Во постојана потрага по балансот во животот.
Длабоко верува дека со работа, труд, упорност и трпение можни се и чуда.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 21057 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.