Накитот има трансформирачка моќ. И наједноставната облека може да доживее стилска преобразба и да се претвори во аутфит достоен за восхит со само неколку внимателно избрани парчиња накит.
Не дозволувајте полните кутии за накит да останат заборавени. Блеснете под сончевите зраци и за време на летните ноќни забави со впечатлив накит, а инспирирајте се од најсилните модни тенденции.
Модерни бисери
Бисерниот накит е класика и симбол за елеганција. „Обвинете“ ги модните куќи Шанел и Диор што безвременскиот бисерен накит забрзано придобива сѐ повеќе обожавателки. Кога се работи за модерните бисери, големината е важна – претпочитајте големи бисери или раскошна мешавина од бисери со различни големини. Дизајнерската опсесија со бисерите отиде и дотаму што бисерчиња застанаа на рамките на очила за сонце и на шик патики.
(Розово) „Злато“
Накитот со златен сјај го достигна врвот на популарноста, но исто така и розовото злато плени со деликатниот сјај. Парчињата накит со нежни златни и розово-златни нијанси блескаат под сончевите зраци и одлично го истакнуваат бронзениот тен, па заслужуваат место во вашата колекција.
Обетки „С“
Минатата година се наложија како задолжителен моден предизвик за храбрите девојки, а сега имаат значајно место меѓу трендовите. Обетките кои ја следат контурата на увото сигнализираат за смелост и бунтовнички шарм. Сосема доволно е да носите една обетка, кога косата ви е собрана или ја имате стилизирано со екстремен патец настрана.
Низа прстени по цели прсти
Прстените во минатото се редеа во долниот дел на прстите, но сега се нижат по целата должина на прстот, дури и врз ноктите. Не се воздржувајте и спојувајте привлечни комбинации.
Накит на гол грб
Високите температури бараат полесна облека која го разголува телото. Без двоумење ова лето покријте го деколтето, а разголете го грбот и украсете го со накит. Не мора да купувате нов накит, едноставно пренаменете ги синџирчињата и ѓерданите и наместо да ги пуштите врз градите, пуштете ги да висат зад вас.
Луксузно зелен накит
Имајте ја на ум бојата на скапоцениот смарагд при следниот шопинг. Накитот во зелена боја не го отстапува своето место меѓу трендовите.
Двострани обетки
Модерните обетки имаат две лица. Сѐ повеќе дизајнери на накит вложуваат труд обетките да изгледаат исто толку привлечно одназад колку и однапред. Бисерните обетки на Диор кои вклучуваат бисери со различна големина/боја се вистински моден хит.
Синџирчиња за тело
Синџирчињата за тело срамежливо си пробиваа пат кон трендовите, но оваа сезона успешно се наметнаа како моден хит вреден за вашето внимание. Тие ќе им го задржат погледот само на бестрашните експериментаторки. Едната опција е да ги носите над облеката, а другата да ги носите на плажа со бикини.
Масивни ѓердани
Водете се од девизата „повеќе е повеќе“ при изборот на ѓердани и дозволете им да доминираат во вашиот изглед. Накитот за на врат неколку сезони е масивен и честопати зазема централно место при градењето на модните комбинации.
+ Мажествени часовници
Часовниците станаа повоочливи и започнаа да ја позајмуваат типично машката форма. Избирајте унисекс часовници и нема да погрешите. Заборавете на ограничувањата и на истиот зглоб, покрај „мажествениот“ часовник, ставете и неколку понежни белегзии.