Кога ќе ја погледнете Џесика Алба, тешко можете да поверувате дека е мајка на две деца и дека втората ќерка ја роди пред само седум месеца. Прекрасната актерка позираше заедно со своите две слатки ќеркички за списанието за родители „Parenting“.

Уште отсега може да се види дека 3-годишната Хонор и малата Хевен сакаат да бидат пред камера.

Во интервју за списанието, 30-годишната ѕвезда зборуваше за мајчинството, одржувањето на фигурата и за нејзината нова компанија „Honest Company“, која се занимава со еколошки производи за бебиња.


Џесика открила дека во текот на првата бременост се здебелила многу повеќе и дека вториот пат внимавала како се храни и одела на часови по јога. „Се здебелив многу кога бев бремена со Хонор, ми требаше многу време за да се вратам во форма. Мојот сопруг ми правеше сланина секое утро и навечер нарачувавме минимум по пет десерти“ – признала Алба.
Во текот на втората бременост Џесика ги оставила нездравите навики за хранење. „Морав да се грижам за мало дете и започнував нов бизнис, па правев поздрав избор во однос на исхраната и одев на пренатална јога“ – објаснила таа.

Џесика признала дека иако нејзиниот сопруг е одличен татко, таа ја одржува дисциплината во домот. Таа зборувала и за малите лаги кои ѝ ги кажува на Хонор, бидејќи верува дека децата не мора секогаш да ја знаат вистината.

„На Хонор ѝ давам газирана вода со одреден вкус – таа си мисли дека е газиран сок и јас го дозволувам тоа. Постојано ѝ кажувам дека кафеавиот сок е само за возрасни и ми верува. Ха! А кога нè следат папараците и кога таа ќе ме праша што прават, јас ѝ кажувам дека само фотографираат. Не сакам да се вознемирува, па ѝ кажувам дека тоа им го прават на сите, не само на нашето семејство“ – објаснила Алба.



