Холивудската убавица Шарлиз Терон ја краси насловната страница на декемвриското издание на модната библија „Вог“. 36-годишната актерка изгледа како сирена на фотографиите направени од познатата фотографка Ени Лебовиц.
Облечена во сребрени креации на Александар МекКвин, Маркеса, Кристофер Кејн и Салваторе Ферагамо, Шарлиз плени со својата ненаметлива надворешна убавина.
Во интервјуто за списанието таа споделила дека за првпат во животот е сингл. „Никогаш не сум била сингл. Ова ми е првпат во животот. Секогаш сум била во врска од времето кога имав 19 години, буквално влегував од една во друга во период од неколку месеци. Ова е добро за мене“ – признала таа.
Шарлиз проговорила и за 10-годишната врска со Стјуарт Таунсенд и открила дека направила едногодишна пауза во кариерата само за да успее да ја спаси врската со него.
„Врската тонеше и морав да се обидам да ја спасам. Навистина сакав да се обидам и да ја поправам. Тоа ми беше приоритет. Никогаш не би постапила поинаку“ – објаснила таа.