Славниот пејач Принц замина во легендите. Безживотното тело на 57-годишниот музичар беше пронајдено на неговиот имот во Минесота.
Полицијата сè уште истражува кои се причините за смртта.
„Со огромна тага потврдувам дека легендарниот иконски изведувач Принц Роџерс Нелсон почина“ – изјавила Ивет Ноел-Шур, претставничката на музичката икона.

Пред само една седмица, приватниот авион со кој патувал Принц итно слетал во Илиноис. Популарниот музичар веднаш бил префрлен во болница, но по краток престој бил пуштен дома.

За талентот на Принц говорат бројните постигнувања и награди кои ја красат неговата неколкудецениска кариера и музичките хитови кои му донесоа мултимилионска публика.
Во текот на 35-годишната кариера, Принц објави 39 соло албуми. Тој беше и добитник на Оскар за музичкото дело „Purple Rain“ од истоимениот филм, на Златен глобус и 7 Греми статуетки.