Утрово почина Крунослав Киќо Слабинац во 77-мата година од животот.
Хрватскиот музичар неколку месеци бил во болница по комплексна операција на срцето поради кардиоваскуларни проблеми. Иако операцијата била успешна, за жал, неговото закрепнување било проследено со компликации кои довеле до смрт.
Слабинац е еден од најуспешните пејачи на просторите на поранешна Југославија и најпознат по хитовите „Zbog jedne divne crne žene“, „Plavuša“, „Pokloni mi jedan dan“ и „Tri slatke riječi“.

Македонската публика ја освои со „Летај ми, летај гулабе“, со која настапи на „Макфест“ во 1989 година. Киќо ги сними на македонски јазик и песните „Ангела“ и „Плачам“.
„Крунослав Киќо Слабинац, како многу од неговите колеги со кариера подолга од 50 години, не знаеше да мирува и најголема желба му беше да настапува додека е жив. Желбата му беше исполнета, а ние засекогаш ќе бидеме почестени што имавме можност да соработуваме со него“ – пишуваат од Croatia Records.
