Тес Холидеј недискутабилно е најкрупниот модел кој има договор со голема агенција за модели. 29-годишната мајка на едно дете забрзано се пробива во модната индустрија и го придобива вниманието на сè повеќе брендови.
„Телефонот не престанува да ми ѕвони. Убаво е тоа, но е многу! Само што се вратив од Лондон пред три недели. Заминувам за Њујорк оваа недела, следната недела одам во Монтреал и повторно во Њујорк. А потоа, Сиетл, Њу Орлеанс и Вегас. Сето тоа од работа“ – изјавила Холидеј за „бумот“ во нејзината кариера.
Тес не изгледа ни приближно како просечниот модел. Додека многумина ја поддржуваат и фалат заради фактот што таа отворено се гордее со својата фигура, не се малку и оние кои упатуваат остри критики, акцентирајќи дека дебелината на Тес пренесува погрешна порака. Се претера ли со промовирањето на полничките модели?
„Реалноста е дека јас сум дебела. Тоа е збор. Тоа е придавка. Не ми е гајле“ – вели Тес и признава дека јаде колку што сака, а вежба кога ќе најде време.
Тес придобива статус на „ѕвезда“ во модниот свет, но и на социјалните мрежи. Само на Instagram таа има 703.000 следбеници, а на Facebook над 890.000 обожаватели.
Кога пред 14 години таа се обидела да стане модел, наишла на многу затворени врати, но не се откажала.
Кога луѓето ја обвинуваат дека ја величи дебелината, таа не се засегнува од коментарите. „Некои луѓе пушат марихуана за да се почувствуваат подобро. Некои луѓе пијат шише вино. Некои луѓе имаат милион мачки. Кој има право да кажува што е поопасно? Сакам да им покажам на луѓето дека е ОК да бидеш во големо тело, да се чувствуваш секси и да не се срамиш“ – изјавила таа за Buzzfeed.