Ѕвезди од светот на музиката, филмот и модата беа гости на хуманитарната гала вечер на amfAR (Американската фондација за истражување на сидата).
На свеченоста која се одржа во Холивуд, Калифорнија, на дизајнерот Том Форд му беше доделена наградата за инспирација, како признание за неговото потпомагање на борбата против сидата. Ријана одржа краток говор пред да го повика на сцената 53-годишниот креатор да ја прими наградата.
Очекувано, голем број од дамите на црниот тепих носеа креации од Форд, па можеше да се види сплет на провокативност, сексапил, гламур и елеганција.
Ријана и Мајли Сајрус зачекорија на црвениот тепих во провокативни креации од колекцијата пролет/лето 2015 на Форд. Славната пејачка од Барбадос избра бел фустан кој ги разголува градите, но кој вклучува блескави виолетови кристали за покривање на брадавиците. Преку хуманитарната аукција, Ријана донираше 135.000 долари.
Мајли привлекуваше погледи со црна „доминатрикс“ креација со ленти кои ги покриваа нејзините гради. Придружничка на 21-годишната пејачка беше нејзината мајка.
Креации на Том Форд носеа и Гвинет Палтроу и Џенуари Џонс, додека Алесандра Амбросио се појави во фустан од Зухаир Мурад, а Леа Мишел во креација од Версаче.