Македонската модна сцена од неодамна е збогатена со уште еден млад талент - дизајнерот Александар Ортак.
22-годишното момче од Битола од водите на архитектурата заплови во водите на модниот дизајн и во неговите модели тој трансфер е очигледен. Од мали нозе ја покажува креативноста, но и амбициите во она што на почеток започнало само како хоби. Тој многу искрено приоѓа кон оваа работа, широко размислува и таа посветеност, не можеше да помине незабележано.
Со нас разговараше за идеите во модата, за принципот на градење на брендот ТАО, за плановите...
Кога се роди кај тебе интересот за модниот дизајн?
– Уметноста ме привлекувала отсекогаш, ги сакам оние области кои ти даваат можност креативно да се изразиш, каде од идеја се доаѓа до реализација.
Мојот интерес за модниот дизајн се појави уште кога бев мал. Имав многу интереси, но најмногу сакав да цртам, и тоа најмногу ликови, најчесто женски ликови, од цртаните актуелни во тој период, познати личности... Несвесно почнав да ги цртам со различна облека, тоа некако спонтано ми доаѓаше, секогаш сакав да видам како би изгледале нештата онака како што јас сум ги замислил. Некаде на мои 7-8 години, сфатив дека со осмислувањето на делови облека, впрочем сум започнал да дизајнирам.
Како започна приказната за брендот и зошто токму ТАО?
– Како што кажав, откако знам за себе дизајнот ми е хоби. Дизајнирав облека, но тоа остануваше само во моите цртежи. Тоа беше една тајна, за која ретко кој знаеше, и бев решен да ја споделам со другите во оној момент кој јас ќе сметам дека е вистинскиот. Свесно одлучив моето хоби да го задржам за себе сè додека не создадам нешто, како ТАО, преку кое во целост ќе можам да ја претставам својата визија и естетика.
До 22 години ми беше само хоби, сите овие години цртав, дизајнирав облека и постепено самиот навлегував во модата, паралелно студирајќи архитектура. Со преминувањето во вториот циклус од моите студии, со созревањето како личност, со многу поголема самодоверба во себе и своите способности и можности, се одлучив да го лансирам мојот бренд „ТАО”, со првата ready-to-wear колекција, насловена „22”. Идејата за името на брендот ја имав одамна, ТАО доаѓа од почетните букви The Alek Ortak. Но, има повеќе значења. За мене претставува и потсетување на филозофија која лично ми значи, но остава и еден сегмент на мистерија кога прв пат ќе го прочиташ името, што многу ми се допаѓа.
Со каква визија и мисија го формираше ТАО?
– Секогаш кога дизајнирам тргнувам од идејата да ја претворам мојата фантазија, визија, идеја во уметничко дело за човечкото тело. Често знам да кажам дека творам во сегашноста, но со визија за иднината. Перфекционист сум и секогаш нештата ги замислувам во целост, до најситен детал. Па и ТАО како бренд беше во целост моја замисла, од почеток до крај.
А самата визија и мисија на брендот е да ја стави во центарот секоја жена/девојка, со круна на уникатна, модерна кралица. За мене, убавината, карактерот и сензибилитет на жената/девојката се најголема инспирација и се секогаш во прв план, а облеката која јас ја создавам треба да ги надополни и нагласи – да ги истакне.
Кому е посветена првата колекција?
– Колекцијата „22” е замислена на тој начин да може да го претстави мојот сензибилитет и стил како уметник. Според мене уметникот секогаш се изразува и претставува себеси преку своите дела, без разлика дали се работи за моден дизајн, уметничка слика, фотографија, архитектонско дело... За мене најголема инспирација е жената, па со првата колекција, едноставно, ја претставив современата жена/девојка на начин на кој јас ја замислувам.
Колекцијата „22” е посветена на секоја жена/девојка. Бидејќи TAO е бренд на најнесекојдневната, најуникатната и најсамоуверената девојка/жена. Која не познава граници и за која годините се само бројка.
Колку модели брои и кои се боите и материјалите кои ја определуваат?
– „22” е ready-to-wear колекција која брои 8 парчиња, споени во 6 комбинации за самата кампања.
Во моделите од првата колекција на ТАО преовладуваат модернизам и минимализам, кои ги почитувам и следам како стил без разлика дали создавам мода, архитектура или било што друго. Секогаш посветувам посебно внимание на квалитетот на материјалите, затоа што во модата покрај убавината, за мене неизбежен дел е и удобноста. Колекцијата „22” се базира на црната и белата боја, за мене timeless комбинација и соодветна за секоја сезона. А на оваа timeless комбинација најдобро му прилега „a touch of color”, пa затоа вметнав три основни бои, со цел да се нагласат одредени детали.
Каков е патот до успехот? Со оглед на тоа што си млад дизајнер на самиот старт, кој е најдобриот совет кој си го добил досега?
– Можеби е премногу рано да зборувам за успех, сепак сум на самиот старт. Иако, со самото тоа што на свои 22 години, со лансирањето на мојот бренд ТАО, успеав да си остварам еден свој многу голем сон, за мене лично тоа претставува голем успех.
Најголемата поддршка во мојот живот е моето семејство. Моите родители и мојот брат се секогаш позади мене, безрезервно и безусловно. И најдобрите совети и поуки сум ги добил токму од моите родители. Секогаш ме учеле да бидам свој и никогаш, по никоја цена да не се откажувам од своите соништа. Бидејќи соништата се остваруваат само на оној кој сонува и верува во себе!
Како е да се биде моден дизајнер во Македонија? Колку Македонија има дефинирана модна сцена и дали си имал можност да се запознаеш со работата на некои од македонските дизајнери?
– Македонија е земја која историски гледано, на некој начин, имала сенс за уметност и мода. Но сметам дека модата и свеста за неа последниве години се во подем.
Иако можеби повеќе црпам инспирација од светската мода, секогаш ја пратам и домашната модна сцена и сум запознаен со работата на нашите дизајнери. Од македонската сцена отсекогаш сум го прател и почитувал Александар Ношпал, а моментално сметам дека има и неколку од релативно поновите дизајнери чија работа заслужува почит и внимание.
Кој ги носи твоите модели? Која соработка ти била најголема привилегија и предизвик?
– Како што кажав, TAO е брендот на најнесекојдневната, најуникатната и најсамоуверената девојка/жена. И секоја девојка/жена, која со задоволство носи ТАО парче, ме прави неизмерно горд и среќен. Тоа е и поентата на ова што го работам.
Секоја соработка е посебен предизвик и привилегија, и е посебна и драга на свој начин. Бидејќи секоја жена/девојка зрачи со своја, посебна енергија. Меѓутоа ако би морал да издвојам, пред брзо, на мое огромно задоволство, едно од парчињата од првата колекција на ТАО отпатува во САД. Нашата позната блогерка Теона, која моментално живее во Њујорк, за новогодишната ноќ, заблеска во фустан од колекцијата “22”.
Што е за тебе елеганција?
– Елеганцијата е едноставност и префинетост. Елеганцијата е привилегија која сами си ја подаруваме себеси. Елеганцијата значи оставање печат. Елеганцијата за мене е нешто безвременско. И стилот и модата можат да претрпат промени, само елеганцијата е вечна.
На што работиш во моментов и што е следно кога е твојот бренд во прашање?
– ТАО е моден бренд за дизајнирана облека, ready-to-wear - Колекциски дизајнирани парчиња облека за општа употреба и custom-made - Индивидуални нарачани дизајни за одреден клиент. Бидејќи со колекцијата 22 веќе го опфатив ready-to-wear моментот, логично би било следниот чекор да е претставување и на другата страна на брендот, односно custom-made парчиња, на што и работам во моментов. Но за тоа не би откривал повеќе детали. А читателите на вашиот сајт би ги упатил да го заследат ТАО, на Instagram @taooofficial и на Facebook ТAO.official, каде можат тековно да се информираат за сите сегашни и идни проекти и настани на ТАО.