Модната куќа Кристијан Диор го суспендира својот главен дизајнер, Џон Галијано. Причина за таквата одлука е вчерашното апсење на Галијано поради вербален напад и упатување антисемитски навреди кон пар во Париз.
50-годишниот дизајнер синоќа влегол во вербална расправија со пар на терасата на кафуле во елитниот кварт Маре. Според медиумите, Галијано бил под дејство на алкохол кога започнал гласно да пцуе и да навредува.
По инцидентот, Галијано бил однесен во полиција, но откако бил сослушан, бил пуштен на слобода без да биде покренато обвинение.
Од Вог разговарале со некој од сведоците и добиле потврда дека Галијано не бил виновен.
„Имавме маса во La Perle и Џон Галијано седеше веднаш до нас. Тој зборуваше со пар од блиската маса и им кажа „На здравје“, а тие го навредија. Тогаш започна расправија и дојде полиција, па телохранителот на Галијано предложи да одат во полициска станица за да ги расчистат недоразбирањата. Тој не беше уапсен агресивно, сè беше многу мирно и тивко. Дефинитивно не го слушнав да изговара антисемитски навреди“ – изјавил сведокот.
Од модната куќа Диор ја потврдија нивната политика за нула толеранција кон антисемитски или расни навреди и однесување и известија дека Галијано е суспендиран до завршувањето на истрагата.
Галијано е главен дизајнер во Диор од 1996 година. Неговото апсење се случува само неколку дена пред почетокот на Париската модна недела, за време на која Галијано ќе да ја презентира својата најнова колекција.